Петмина загинаа при уривање на зграда во Истанбул, приведени се архитектот и раководителот на градилиште
Истанбул – Пет лица загинаа, а четворица се извлечени од урнатините на зграда што се урна во истанбулскиот кварт Малтепе, соопштија денес градските власти.
Во соопштението се вели дека операциите за пребарување по уривањето на седумкатната зграда завршиле во 6:15 часот по локално време, откако било пронајдено телото на последното исчезнато лице, објави ТРТ.
Долните три ката од седумкатната зграда во истанбулскиот кварт Малтепе се урнаа вчера.
Три блиски згради и 55 жители беа евакуирани како мерка на претпазливост, додека 44 лица на кои им беше потребно засолниште беа префрлени во хотели за резиденцијална нега.
Тимовите за психосоцијална поддршка им пружаат помош на повредените и евакуираните.
Вкупно 774 пожарникари, два дрона, 237 возила и 10 кучиња трагачи беа вклучени во спасувачката операција.
Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, го посети местото на несреќата и изјави дека постои висок ризик од понатамошно уривање, поради што се поставени специјални потпорни конструкции за да се спречи понатамошно слегнување на урнатините.
Канцеларијата на главниот јавен обвинител на Истанбул започна истрага за уривањето на долните три ката од седумкатница во истанбулската населба Малтепе.
Архитектот на зградата и раководителот на градилиштето беа приведени како дел од истрагата.
Министерството за внатрешни работи ангажираше двајца инспектори за да утврди можна одговорност и небрежност на јавните службеници за време на планирањето, изградбата и адаптацијата на зградата.
Според Системот за регистрација на населението, зградата е изградена во 1987 година и има 33 жители.
Четири стана во урнатиот дел биле дом на 14 лица.
Закупците рекоа дека претходно имало дискусии за урбана трансформација на зградата, но дека таа не била прифатена.
Тие исто така рекоа дека зградата се тресела откако се отворила продавница на приземјето.