Петличковски: Ивермектин не е лек за Ковид-19
Ивермектин не е лек што треба да се препише за болни од Ковид-19, но затоа пак изработени се препораки за лекарите кои лекуваат вакви пациенти, кои пак, ќе претрпуваат измени, како ќе се појавуваат нови сознанија во врска со лекувањето на оваа болест.
Ова го истакна д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заштита од заразни болести, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Тој истакна дека со препораките за лекарите достапни на веб страницата на Министерството за здравство, ги прават достапни информациите базирани на докази со цел да направат, да овозможат еден поусогласен пристап за сите пациенти со Ковид -19.
– Ова се препораки за лекување, не се во називот протоколи, а за да станат протоколи треба да поминат процедура со прифаќање во Законодавна и други комисии. Препораките кои се достапни на сајтот се четврта или петта верзија на постоечки препораки кои се користеле во минатото, но и претрпувале измени. Оваа верзија која е од септември 2021 година и е четврта или петта верзија ќе претрпува промени, како ќе се менуваат интернационалните научни сознанија. Тие се предвидени да бидат водич за сите лекари вклучени во лекувањето и третирањето на ковид пациенти и немаат обврзувачки карактер, но се тука да послужат од едно место да се црпат релевантни информации, за да не доаѓаме во ситуација некој лекар да советува терапија која не е препорачана, тука пред се мислам на ивермектин и да е прашање и денес дали овој лек е во некој протокол во некаква препорака или не е, рече Петличковски.
Посочи дека целта е информирање од релевантни извори како што се Здружение на инфектолози на Америка, англиски здруженија на инфектолози, Светската инфектолошка асоцијација итн.,
За секоја посебна фаза на болеста, појасни, има соодветни препораки за тестирање, лекување и за тоа кога е момент да се хоспитализира пациент, која терапија…Потенцира дека за ивермектинот нема научни докази дека тој помага во лекување на Ковид-19.
– Препораките се однесуваат на асимптоматски пациенти, на пациенти со лесна, средно тешка клиничка слика и на хоспитализирани во тешка состојба. Препораките се насочени кон лекарите, не се насочени кон општата популација. Наше е да ги упатиме лекарите кои се вклучени во третман на Ковид-19 каде може да најдат најсоодветни препораки, додаде Петличковски, одговарајќи на новинарски прашања.