Петковски: Радев стравува дека многу малку граѓани ќе се изјаснат на пописот како Бугари


Тито Петковски, претседателот на владиниот коалициски партнер НСДП, смета дека претседателот на Бугарија, Румен Радев, и бугарскиот државен врв стравуваат дека бугарската етничка заедница повторно ќе испадне малубројна на пописот во Македонија, и покрај големиот број на издадени бугарски пасоши. Од таму, според Петковски, е паничната реакција на Радев. Петковски се сомнева дека културното друштво „Иван Михаилов“ од Битола е тенденциозна инсталација откако од таму побараа да му се даде бугарски пасош на секој македонски граѓанин кој на пописот ќе се декларира како Бугарин.

„Кога прочитав дека бугарскиот претседател итно ги собрал шефовите на бугарските безбедносни структури ‘за навреме да се преземат соодветни мерки за заштита на правата на Бугарите во Македонија’, прво што помислив е дека Македонија ѝ објавила војна на Бугарија, а јас за тоа не сум информиран. Откако прочитав дека причина за средбата било писмото што културното друштво ‘Иван Михаилов’ го упатило до бугарскиот државен врв, ја сфатив причината за паничната реакција на бугарскиот претседател. Македонија во април организира попис, а бугарскиот претседател сѐ уште не знае колку Македонци ќе се декларираат за Бугари. И тоа во услови кога бугарското културно друштво ‘Иван Михаилов’ за секој новоосознаен Бугарин во Македонија нуди бугарски пасош по скратена постапка, се разбира, со помош на бугарскиот државен врв. Каде е тука стравот на Радев?

Замислете ја само ситуацијата на пописот во Македонија бројката на граѓаните што се определиле за Бугари да биде слична или незначително поголема од онаа на последниот попис, во услови кога бугарските власти јавно соопштуваат дека издале над 100.000 бугарски пасоши на македонски државјани. Сите тврдења на бугарскиот државен врв за бугарскиот карактер на Македонија ќе паднат во вода.

По оваа драмолетка од Софија, тешко ќе може да се одбрани тезата дека културното друштво ‘Иван Михаилов’ не е наменска бугарска инсталација во Македонија пред пописот“, напиша Тито Петковски на Фејсбук.