Петков застана против министерот за одбрана околу војските на НАТО
Петков изјави дека ставот на Јанев оти нема потреба од војски на НАТО во Бугарија не е на владата, туку личен на министерот и дека нема потреба тоа да се соопштува на таков начин
Само десетина дена по стапувањето на должност на новата влада во Бугарија се појавија првите пукнатини во нејзините редови. Меѓу премиерот Кирил Петков и министерот за одбрана, Стефан Јанев.
Откако вчера Јанев на својот Фејсбук профил објави дека нема потреба од разместување на војки на НАТО во Бугарија, премиерот Петков денеска соопшти дека тој став не е на владата, туку личен на министерот и дека нема потреба тоа да се изразува на таков начин.
Петков тоа го соопшти по состанокот на владата, а ги критикуваше и одлуките на министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, за кадровската селекција во министерството.
Вчера на Фејсбук Јанев напиша дека не смета оти постојат неопходни околности кои можат да ја оправдаат одлуката за распоредување дополнителни трупи на НАТО на бугарска територија, а таквата одлука нема да одговара на сојузничките интереси или националниот интерес на Бугарија. Според него, таквиот пристап има потенцијал да доведе до непожелно зголемување на тензиите во регионот.
„Оваа тема не е разговарана ниту во владата, ниту со некој од партнерите. Јасно кажав дека ќе бидеме активна членка на Европската унија и НАТО и овој тип одлуки ќе бидат координирани за улогата што ја имаме. Личните мислења не се искажуваат на овој начин. Најдобар начин да се продолжи политиката на Европската унија и НАТО на нашата источна граница е максимално искористување на дипломатските средства и мирните средства. Во интерес на Бугарија е да нема воена состојба во соседството. Колку помалку фокусот е воен и колку повеќе дипломатски, толку подобро за Бугарија“, рече Петков.
На состанокот во Брисел со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во петокот, премиерот Петков објави дека позицијата на Бугарија е целосно солидарна со ставот на Европа и Алијансата кон Украина. Не било разговарано за распоредување на нови сили на НАТО.
Изјавата на Јанев дојде откако германскиот магазин „Шпигел“ објави дека највисокиот генерал на НАТО, Тед Волтерс, предложил Алијансата да воспостави воено присуство во Бугарија и Романија поради трупањето руски сили долж границата со Украина.
Копретседавачот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, претходно денеска во парламентот истакна дека неговата партија е посветена на делот од коалицискиот договор за одбрана – Бугарија да го развие своето полноправно членство во НАТО.
„Сметаме дека Бугарија не може да си дозволи да биде во непријавена неутралност, што ќе биде во прилог на експанзионистичката политика во регионот на Кремљ“, рече Иванов.
Тој додаде дека веднаш штом се формира собраниската комисија за одбрана, ќе биде покрената расправа за министерот за одбрана Јанев за да се разјаснат неговите позиции и оценки. (Н.В.)