Петков: Водевме многу тешки разговори, Македонија треба да ги прифати нашите барања


Бугарскиот премиер Кирил Петков пред влегувањето на самитот на лидерите на ЕУ рече дека утрово, на самитот со лидерите од Западен Балкан, се воделе многу тешки разговори  и дека имало „страшно очекување“  дека Бугарија ќе го тргне ветото. 

-Второ нешто што се случи е дека  дел од предлозите на француското претседателство  се покажаа тешки за прифаќање  од страна на Македонија, но тоа што мислам дека стана јасно е дека тоа не се веќе само барања на Софија туку треба да станат и барања на Европа, рече Петков. 

Според него, тешката задача сега ќе биде  во Македонија  која, според него, треба да ги прифати нивните барања за да продолжи евроинтеграцискиот процес. Тој повтори дека без одлука на бугарскиот парламент тој не може да искаже позиција околу францускиот предлог но изрази надеж дека одлуката за тоа ќе биде донесена бргу. 

Бугарските медиуми пренесувајќи го македонското „не“ за предлогот на француското претседателство забележуваат дека јазикот се појавил одново како црвена линија за нас само поради фактот што во него и е дадено право на Бугарија да го изрази своето несогласување со постоењето на македонскиот јазик бидејќи се смета дека со тоа се покажува желбата да се доведе во прашање нашиот јазик на европско ниво.