Петков: Во Северна Македонија и Бугарија има сили кои не сакаат добрососедство
Во Република Северна Македонија и Бугарија има многу јасни сили кои не го сакаат ова добрососедство и стабилност и ќе ја искористат секоја можност во наредните недели да го блокираат нашиот процес, вели бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за БНТ коментирајќи ги односите Софија-Скопје.
Тој нагласи дека „за надворешната политика во нашите односи, одговорни се премиерот Ковачевски и премиерот Петков“, дека со Ковачевски се познаваат две недели и сето она што е договорено било исполнето. Петков додаде дека „од нас зависи и ние ќе направиме се за да постигнеме добрососедство. Наведениот став го потврдивме и во разговорите“.
Според Петков, со проширувањето на односите – воведувањето пат, авион, железница до Скопје, одеднаш сите се поподготвени да разговараат за целата рамка на добрососедство.
Петков најави дека утре, по положувањето цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија со вршителот на должноста амбасадор на Северна Македонија во Бугарија, Владимир Крастевски, заедно со претседателот Румен Радев во 17.30 часот во Благоевград ќе одадат почит на споменот на Гоце Делчев.На излегување од БНТ, премиерот Кирил Петков најави дека бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска ќе го посети Скопје и ќе одаде почит на раѓањето на Гоце Делчев. Тоа ќе го направи заедно со македонската министерка за култура.
„Нема конфликт меѓу мене и Кирил Петков на темата за Република Северна Македонија , порача претходно вицепремиерката Корнелија Нинова.
„Имаме коалициски договор на Владата. Тој го содржи нашиот заеднички став дека треба да се спроведе Договорот за добрососедство и соработка, да се спроведе Декларацијата од 44-от Собрание, да се запре говорот на омраза, да не се злоупотребува бугарската историја, да не биде на сметка на националниот бугарски интерес. Ова го пишува во договорот на бугарската влада, чиј дел сме и ние и го исполнуваме напишаното во документот“, рече Нинова.
Вицепремиерката додаде дека има надградба на ова со работни групи на различни теми, што според неа е добро.
„Продлабочување, проширување, поддршка на РСМ за влез во ЕУ – да, но на сметка на бугарската историја и националниот интерес – не“, рече вицепремиерката.
Таа одби да коментира за односите меѓу премиерот и претседателот. Во одговор на друго прашање, Нинова рече дека работата на Историската комисија е запишана во Договорот за добрососедство и соработка меѓу Бугарија и РСМ, така што не е прифатливо еднострано да се поставува ова прашање. Реакцијата се однесуваше на претходно објавеното во медиумите за предлогот на нејзиниот копретседавач Драги Ѓоргиев за замрзнување на нејзината работа.