Петков со набиена агенда во Скопје


Фото; Б. Грданоски

Премиерот Димитар Ковачевски во вторник ќе го пречека неговиот бугарски колега Кирил Петков кој ќе пристигне во еднодневна официјалната посета на нашата земја заедно со Кристијан Вигенин, потпретседател на Собранието на Бугарија, и со бугарските министри за надворешни работи и за транспорт и врски, Теодора Генчовска и Николај Сабев.

Според најавите од Владата, на аеродромот во Скопје владината делегација на Република Бугарија ќе ја пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи по што се очекува да започне официјалниот дел на посетата со церемонијалниот пречек со високи државни и воени почести пред Владата на Република Северна Македонија.

Бугарската делегација ќе ја пречека премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите за надворешни работи и за транспорт и врски, Бујар Османи и Благој Бочварски.

Според агендата за посетата, премиерите Ковачевски и Петков ќе имаат тет-а-тет средба, а потоа предвидува пленарен состанок на двете делегации и нивна заедничка прес-конференција.

Премиерите Ковачевски и Петков, потоа, во Клубот на пратениците, официјално ќе го промовираат проектот за помош во развојот  „Електронски дневник за лица со дијабетес“, кој премиерот Петков ќе му го врачи на премиерот Ковачевски како донација на Република Бугарија.

Во преостанатиот дел од агендата за посетата на делегацијата на Република Бугарија, премиерот Петков ќе има одделни средби со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Официјалната посета е предвидено да заврши во вечерните часови.