Петков во Битола ќе отвори библиотека со 2.000 историски книги и архивски материјали на бугарски јазик

Со Петков и Јотова треба да дојдат и архитектите на бугарската блокада - Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов. Во Битола треба да биде и министерката Теодора Генчовска


 

БИТОЛА – Клуб со библиотека со над 2.000  учебници, историски книги и дел архивски материјали се очекува да отвори бугарскиот премиер Кирил Петков во сабота во строгиот центар на Битола. На покана на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, кој го уреди клубот во објект на улицата „Рузвелтова“ , Петков доаѓа заедно со  потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Од Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, за „Независен“ велат дека се подготвуваат за големата свеченост во сабота во 14 часот и велат дека посетата на високите гости од Софија за нив претставува голема чест.

„Обезбедивме простор за Културниот центар ‘Иван Михајлов’ од Битола, го уредивме да биде како клуб и библиотека го опремивме со компјутери и свеченото отворање ќе го заокружиме со значајни гости од Бугарија. Во клубот има библиотека од над 2.000 учебници, историски книги и имаме поткрепа и со архивски материјали што дел ги набавивме ние, дел ни ги подарија од Бугарија. Просторот е опремен и ќе биде достапен за секого, не само за членовите на клубот, едноставно слободен е влезот“, велат од Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола.

Објектот се подготвува уште од зимата, а во внатрешноста на Клубот на ѕидовите се поставени фотографии во поголеми димензии од македонски револуционери, дејци на ВМРО, поети.  

Според официјалната покана за отворањето на културниот центар освен Петков и Јотова во Битола треба да дојдат и двајцата архитекти на бугаската блокада на Македонија – поранешната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, и поранешниот министер за адбрана и вицепремиер, Красимир Каракачанов. Ќе биде присутна и сегашната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска.

Очигледно, ова е многу висок формат на посета на бугарска делегација која не е официјална. Кој ќе биде присутен од македонска страна (и дали воопшто некој ќе дојде) засега не е познато.  (А.Б.)