Петков по сечењето на Ковачевски: „Нема да подлегнеме на провокации“

Бугарскиот премиер на Фејсбук порача дека злонамерните нема да ги спречат него и Димитар Ковачевски да градат подобри односи меѓу двете земји


 

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска се обиде да ги смири големите реакции по сечењето на Димитар Ковачевски од нивната заедничка фотографија со американскиот држеавен секретар Ентони Блинкен порачувајќи „Нема да нѐ спречите“.

Петков се најде на удар и во бугарската и во македонската јавност по сечењето на Ковачевски во советски стил од фотографијата на Фејсбук, иако не е јасно дали тоа е направено по негова сугестија или било направено од луѓето задолжени за неговиот Фејсбук профил како премиер. Тој уште вели: „Нема да подлегнеме на провокации“.

Еве што напиша Петков во денешниот пост на Фејсбук:

„Замислете како граѓаните на Република Бугарија и Република Северна Македонија уживаат меѓусебно почитување, почитување на нивните права и просперитет. Двете земји активно да промовираат развој на заеднички компании кои создаваат голема додадена вредност заедно, да имаме растечки економии, да имаме заеднички детски кампови, да имаме заеднички концерти, да имаме заеднички образовни програми, да немаме граница меѓу нашите две земји, да нема дискриминација, да нема говор на омраза, да градиме патишта, модерни железнички линии. За многумина овие зборови звучат како сон, други организираат секакви провокации за да не се случи тоа, други едноставно не сакаат стабилност на Балканот. Јас и Димитар веруваме дека тоа е можно, и нема да подлегнеме на провокации, туку ќе работиме намерно и заедно да го постигнеме тоа. И на сите злонамерни земји можам само да им кажам: нема да не спречите!“

Фотографијата на тројната средба ја објави Димитар Ковачевски на неговиот Фејсбук профил и напиша: „Срдечна средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен, за време на обраќањето на потпретседателката на САД Камала Харис. Го делиме мислењето дека заедно сме посилни како сојузници во НАТО. Државниот секретар Блинкен ја изрази својата целосна поддршка за дијалогот и пријателството меѓу Македонија и Бугарија и ја сподели својата искрена желба да нѐ види заедно во ЕУ. САД остануваат наш посветен партнер во надминувањето на предизвиците“.

Неколку часа подоцна и Кирил Петков ја објави истата фотографија, но од неа со дигиталниот скалпел е исечен Ковачевски и делува како некој фан искористил брза можност да се сретне со својот идол. (Н.В.)