Петков најави „добри вести“ за кревање на бугарската блокада

Бугарскиот премиер изјави дека е постигнат напредок во Историската комисија, што е клуч Софија да се откаже од ветото во ЕУ


Бугарскиот премиер Кирил Петков

 

Кревањето на бугарската блокада изгледа реално во наредниот период. Барем така вели бугарскиот премиер Кирил Петков.

Тој денеска на прес-конференција изјави дека „наскоро се очекува добра вест за кревање на бугарското вето за Македонија и започнување на процесот за пристапување во Европската унија, кој беше посочен како особено важен во контекстот на она што се случува во Украина“.

Петков денеска беше домаќин на тројца премиери од југоисточното крило на НАТО – Димитар Ковачевски од Македонија, Здравко Кривокапиќ од Црна Гора и Николае Чука од Романија – на која се разговараше за војната во Украина и за последиците од неа за регионот, но и за почетокот на преговорите со ЕУ на Македонија и Албанија.

Според она што го изјави Петков, сега стана и официјално јасно она што и претходно неофицијално се наведуваше – дека кревањето на бугарската блокада доаѓа преку напредокот во Историската комисија. Петков соопшти дека е постигнат напредок за важни историски личности во разговорите.

„Комисијата за историја ме извести за некои важни историски личности и нивниот третман. Дојдовме до напредок по тие прашања, на многу конструктивен и реалистичен начин, којшто ни отвора можност за забрзување на нашите преговори. Секако, ќе треба прво да добијам јас и моите коалициони партнери целосен извештај од Комисијата, но штом добиеме извештај тоа ќе оди многу брзо“, рече Петков.  

Тој рече дека „некои работи што беа тешки да се надминат сега изгледаат како да имаат реални можности за надминување. Мислам дека мојот одговор ви ги покажа моите намери да постигнеме резултати што е можно побрзо. Оптимист сум за целиот процес, оптимист сум дека ќе постигнеме што е можно поскоро сѐ што зацртавме со Димитар“.

Петков не кажа кои се тие „тешки работи“ од историјата кои сега може да се надминат, но нагласи дека целиот процес е во тесна координација со европските партнери.

„Северна Македонија има место во европското семејство што е можно поскоро, а нашата влада е посветена да го постигне овој резултат што е можно побрзо. Има неколку етапни цели што треба да ги расчистиме, вклучително и заштита на правата на малцинствата. Работиме во тесна координација со европските партнери кои во многу случаи служат како трета страна во преговарачкиот процес и чекаме конкретна формулација да се вметне во преговарачкиот договор“, рече Кирил Петков. „Нашите односи се многу подобрени во последните три месеци, токму затоа што толку многу зборуваме“, додаде тој.

 

Четворицата премиери на средбата во Софија

И македонскиот ппремиер Ковачевски не даде посебни детали каде е постигнат напредокот во Историската комисија, но рече дека историчарите работат независно од политичкиот дијалог и од другите работни групи што работат на други прашања.

„На нашиот состанок тука во Софија, токму во оваа просторија (во резиденцијата „Бојана“ – н.з.), тие беа тука и кажаа дека ќе ја забрзаат својата работа и штом дојдат до заклучоци врз основа на нивната историска методологија тогаш можат да ја споделат со другите“, рече Ковачевски.  

Тој нагласи дека во овие месеци двете земји имаат практични проекти „од перспектива на компаниите и институциите во земјите, како и од перспективите на граѓаните. Имаме подобрена комуникација меѓу нашите образовни институции. Веќе имаме оперативна авионска линија меѓу Софија и Скопје и нашите министри работат на инфраструктурни проекти коишто ги поврзуваат двете земји. Во врска со политичките прашања министерствата за надворешни работи на двете земји работат и се на ниво на размена на идеи и документи, но сѐ уште нема конечен документ за којшто сме договорени и штом се случи тоа тогаш можеме да го споделиме со релевантните институции во двете земји“, рече македонскиот премиер.

За него е важно што сега во медиумите повеќе доминираат вестите за соработката отколку за поделбите и неразбирањето. Според Ковачевски,  комуникацијата меѓу две соседни земји мора да се заснова на соработка на европски вредности, на заемно разбирање и доверба, како и почит и тоа е начинот на којшто две соседни земји треба да комуницираат меѓу себе.

Четворицата премиери се договориле нивните земји да работат заедно на полето на енергијата и инфраструктурата, производството на храна и борбата против корупцијата. По нивната средба, која дојде по иницијатива на Петков, тие за медиумите изјавија дека главна цел отсега ќе им биде да го сменат правецот на снабдување со гас – целта е тој да биде од север кон југ, што прозилезе како неопходна акција по воената инвазија на Русија на Украина.

Петков повика на заедничка акција за искоренување на перењето пари и борба против корупцијата. Според него, ниту една земја не може сама да се справи со прекуграничното перење пари. Тој ги повтори своите забелешки од состанокот на европските лидери во Брисел дека локалната корупција ја користи Руската Федерација за да влијае на регионот.

„Во време на криза важно е да бидеме заедно, да се координираме не само на ниво на ЕУ и НАТО, туку и со идните членки. Мојот сон е да го координираме Балканот за сите теми. Со економско обединување можеме да станеме најбрзо растечки регион“, изјави Петков по средбата со Чука, Ковачевски и Кривокапиќ. (Н.В.)