Петков ќе се спасува со малцинска влада

На премиерот Петков му недостасуваат 12 пратеници за да има мнозинство во парламентот. Тој не попушта пред уцените на Трифонов


 

Бугарскиот премиер Кирил Петков категорично одби да се потчини на уцените на Слави Трифонов, лидер на коалициската партија Има таков народ. Половина час откако шоуменот Трифонов објави дека ги повлекува министрите од владата, Петков најави дека ќе води малцинска влада наместо „да дозволи да му ги виткаат рацете“. На Петков со заминувањето на ИТН ќе му фалат 12 гласа за да има мнозинство во Собранието.

„Подготвени сме за малцинска влада, но нема да потрошиме ниту еден лев без надзор. Малцинска влада во овој случај е подобра од влада која се обидува да дојде до дополнителни пари,  запира законодавни реформи и ја запира најважната антикорупциска организација кога имаме таков кандидат да биде на нејзино чело како министерот Бојко Рашков“, изјави Кирил Петков.

Тој објасни дека на денешната владина седница на која се разговарало за ажурирање на буџетот, министерот за регионален развој Гроздан Караџов, кој е од Има таков народ, побарал невидено зголемување на буџетот на неговиот ресор за 3,6 милијарди лева (1,8 милијарди евра).

„Во ова ажурирање тој побара дополнителни 3,6 милијарди лева да им бидат исплатени на истите компании кои беа под истрага од министерот Бојко Рашков за злоупотреби во последните неколку години. Кога рековме дека ова ажурирање е за зголемување на пензиите, помош на работните семејства и намалување на цените на бензините и дизелот, како и за  елиминирање на ДДВ за лебот, добивме одговор дека нема да се согласат“, додаде Петков.

Претходно, Трифонов најави повлекување на министрите од таа партија кои се во владата поради две причини.

„Има две причини зошто оваа коалиција не функционира и зошто не ни е место во неа – Северна Македонија и тоа што нема повеќе пари во државата.  Покрај напуштањето на националните интереси, министрите на Продолжуваме со промената нѐ водат кон банкрот. Премиерот Кирил Петков води поинаква надворешна политика од онаа на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и Советот за национална безбедност. Премиерот има уште еден министер за надворешни работи, Весела Чернева“ тврдеше тој.

Коалицијата на Петков преживеа само 6 месеци и во неа влегуваа четири партии – Продолжуваме со промената, БСП, Има таков народ и Демократска Бугарија. Распределбата на милијардите лева доделени од државата за изградба и поправка на патишта, како и реформата на антикорупциската комисија, чија амбициозна задача е да ги истражи злоупотребите од претходната влада и да се погрижи да нема нови – се точките на конфликт меѓу поранешните партнери. Одлуката за разделба беше придружена со низа тешки меѓусебни обвинувања за врски со мафијата и недостаток на политички морал.

Распадот на коалицијата ќе го стави кабинетот на тежок тест за едно од клучните прашања – итно усвојување на ажурираниот државен буџет. Измените треба да бидат одобрени до крајот на јуни за да стапат на сила мерките за ублажување на ценовниот шок од поскапувањето на енергенсите и инфлацијата. Има таков народ веќе најави дека ќе ги поддржи социјалните мерки, но ќе се спротивстави на другите владини планови. Од друга страна, тресењето на владата на Петков ќе го направи апсурден притисокот од надвор да се реши спорот со Македонија, за што утре во Софија треба да разговара еврокомесарот Оливер Вархеи, а по него да допатува и Олаф Шолц, канцеларот на Германија. (Н.В.)