Петков ќе бара европска помош да ги оствари бугарските барања

Бугарскиот премиер најави дека ветото може да биде поместено, но не и укинато, и ќе бара од ЕУ Македонија да го смени уставот пред отворањето на првото поглавје


 

По изјавите од Софија кои целосно ги заладија односите меѓу Бугарија и Македонија, премиерот Кирил Петков денеска се обиде да растера нешто од таа магла, но работите изгледаат еднакво конфузни. Петков вели дека пред две години Бугарија дала зелено светло во Европскиот совет за почеток на преговорите со Македонија, а потоа става вето што ја правело една од ретките земји во Европа со такво однесување.

Потоа, Петков во интервју за бугарската телевизија Нова тврдеше дека нема договор оти во јуни ќе била крената блокадата на Македонија, со што самиот потврдува дека Софија не се придржува на својата одлука од пред две години идури и кога е тој премиер. „Ништо нема да се направи без гласање во парламентот и широка јавна расправа“, рече Петков. Премиерот тврди дека влезот на Македонија во ЕУ е од врвен интерес за Бугарија.

Тој рече дека Бугарија ќе ја користи Европа за да ги оствари своите барања.

„Правата на Бугарите со промената на Уставот треба да се гарантирани од ЕУ. Со други зборови, промената треба да биде дел од пакетот мерки вклучени во договорот за Северна Македонија. И ако нивна должност е да го сменат Уставот на патот кон Европа тоа е веќе еден чекор напред“, рече премиерот Петков. Според него, Бугарија треба да го помести ветото, а не да го укине.

Објаснувајќи какви услови треба да исполни Македонија Петков повеќе зборуваше како претседателот Румен Радев и другите жестоки поборници на бугарската блокада. Тоа не е оној Петков што ги најавуваше работните групи и новата фаза во односите со Македонија. Тој барањата на Софија ги постави пред барањата на Европската комисија.

„Треба да ги ставиме (Македонија) на железничките шини на Европа, но критериумите што тие мора да ги исполнат мора јасно да бидат поставени од нас“, рече Петков.

Тој додаде дека „на РСМ ѝ го даваме патот кон Европа, но овој пат е поплочен со барања и обврски, јасно врамен и на тој начин ја користиме цела Европа за да го обезбедиме напредокот што го сакаме како Бугари“.

Секоја одлука нема да биде донесена без гласање во парламентот и широка јавна расправа, рече Петков.

„Дебатата мора да биде реална. Ако пак шириме пароли без да ја разбереме ситуацијата, најмногу можеме да направиме соседна земја уште повеќе да не нѐ сака и да нема шанси да влезе во ЕУ. Во 2020 година, бугарската влада во Европскиот совет гласаше дека PCM треба да биде пуштена во Европа. Тоа глас е веќе даден. Долгорочната стратегија на Бугарија мора да биде Македонија да биде дел од ЕУ“, рече Петков.

Тој ја објаснува и стратегијата кон која, барем сега, ќе се држи Софија. Македонија да го промени својот устав пред отворањето на првото поглавје.

„Ќе биде многу тешко ако сакаме сега да се промени македонскиот устав. Ако кажеме ‘Одете по патот, ќе го укинеме ветото’. Но, првото поглавје не може да се отвори без да се смени Уставот. Потоа тие веќе не мора да го менуваат Уставот, не затоа што Бугарија сака, туку затоа што тоа ќе биде нивниот договор со ЕУ, кој го дефинира патот на РСМ како земја членка“, рече Петков.

Бугарскиот премиер вели дека тоа е задача што Софија мора да ја направи. „Мораме да го побараме тоа, ние треба да го ставиме во договорот. Не треба да чекаме некој да ни ја заврши работата. Најглупавата работа што би ја направиле сега е да се сопнеме против бугарскиот интерес“. Тој вели дека „треба да сакаме да се случат сите работи за кои сонувавме пред да биде укинато ветото“.

Петков стравува дека ако Бугарија не успее да ги оствари своите желби во Македонија ќе дошле на власт „националистите“. Иако токму со своето однесување Софија го зголемува рејтингот на оние што ги нарекува националисти. Петков уште тврди дека сегашната македонска влада била подготвена да ги прифати овие обврски што тој ги задава.

„Тогаш таму власта ќе ја преземат националисти и нашите шанси ќе бидат нула. Сега таму имаме нормална влада и таа е подготвена да ги преземе своите обврски преку европски договор“, рече Петков.

По настаните во Битола и отворањето на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ односите меѓу двете земји паднаа на исклучително ниско ниво. Претседателот Стево Пендаровски ги нарече „лага и гола конструкција“ тврдењата на Радев дека во Македонија по Втората светска војна биле убиени десетина илјади луѓе во концлогори затоа што се чувствувале Бугари. Пендаровски уште рече: „Нема гаранции дека внесувањето на Бугарите во Уставот би било последното барање на Софија“.

И премиерот Димитар Ковачевски ја засили реториката по Битола, велејќи дека тоа е „провокација бидејќи ги буди духовите од минатото, бидејќи се работи за личност којашто била соработник и на хитлерова Германија и на мусолиниевата Италија и на Павелиќ. Таа личност не може да биде мост за иднината и за пријателство меѓу двата народи и мост за европскиот пат на државата“. Ковачевски додаде дека таа провокација не оди во насока на подобрување на односите и финализирање на дијалогот со постигнување решение.

Решението со Бугарија, рече Ковачевски, треба да се да се базира врз основа на европските вредности, на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави, на нивна заемна почит, но и почит помеѓу институциите. (Н.В.)