Петков и пред Шолц ги повтори трите барања за Македонија

Шолц во Софија изјави дека силно го поддржува почетокот на преговорите со Македонија и Албанија, но по изјавите на Петков шансите тоа да се случи во јуни се минимални


Кирил Петков и Олаф Шолц на прес-конференцијата

 

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во Софија дека силно го поддржува договорот за почеток на пристапните преговори со ЕУ меѓу Македонија и Албанија, но неговата мисија во Македонија и Бугарија н веројатно нема да ја постигне целта бидејќи бугарската влада тешко ќе ја промени својата позиција и ќе ја одобри рамката за преговори на Скопје под француското ротирачко претседателство, кое истекува на крајот на месецот.

„Силно го поддржувам постигнувањето согласност за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Кирил Петков во Софија.

„Ќе ја продолжиме дискусијата и размената до крајот на француското претседателство. Европејците заедно се одговорни за стабилноста на Балканот“, изјави канцеларот кој во Бугарија допатува од Скопје.

Шолц го спомена процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, кој започна пред 20 години во Солун, истакнувајќи дека процесот е премногу бавен. „Наша задача е да не ги разочараме надежите“, нагласи тој.

Посетата на Софија канцеларот ја оцени како политички сигнал за прифаќање на земјите од Западен Балкан.

Според Шолц, и во Скопје има разбирање дека мора да се дејствува, прашање е како тоа да се направи.

Но бугарскиот премиер Кирил Петков и пред Шолц ги повтори трите услови што ги кажа пред некој ден што мора да ги исполни Македонија за Софија да го крене ветото и изрази уверување дека Германија и ЕУ можат да дадат гаранции.

„Со канцеларот споделив дека во моментов Бугарија има три главни приоритети – ЕУ да биде дел од гаранцијата за да можеме да направиме чекори напред. Прво, да ги видиме сите можности низ европскиот процес да гарантираме вклучување на Бугарите во Уставот за да можеме да ги заштитиме правата на Бугарите таму, во исто време имаме рамковна позиција и договор за добрососедство. Значи секое можно решение мора да ги содржи овие три приоритети на Бугарија. ЕУ може да даде потенцијални можности да имаме европски гаранции дека тоа ќе се случи, затоа продолжуваме да работиме како влада во рамките на постојната рамковна позиција и договорот за соседство“, рече Петков, како што јавуваат бугарските медиуми.

Бугарија инсистира барањата на Софија да бидат вклучени во преговарачката рамка за Македонија, но земјите-членки имаат резерви за внесување на билатерални прашања на европско ниво.

„Германија разбира дека не е лесно да се решат историските разлики меѓу соседните земји, но нашето искуство покажува дека тоа е збогатувачко за сите кога станува збор за надминување на недовербата и градењето пријателски односи со соседите. Затоа јас силно го поддржувам договорот за почеток на преговорите. верувам дека има шанса за напредок. Ќе ја продолжиме дискусијата и размената меѓу нас до крајот на француското претседателство и се надевам дека ќе направиме напредок. Убеден сум дека заедно ние, Европејците, ја носиме одговорноста за за ЕУ ​​и за стабилноста на Балканот Важно е сега да го искористиме процесот на проширување, за доброто на Европа“, рече Шолц

Тој рече дека Западен Балкан мора да има сигурна европска перспектива, но додаде дека Македонија мора да ги исполни условите. Но Шолц не даде конкретен одговор на прашањето каква поддршка може да добие Бугарија од Германија за вклучување на нејзините услови во преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ – чекор што би го направил Брисел гарант за исполнување на овие услови. Без поддршка од сите други членки на ЕУ, кои секогаш ги вклучуваат Берлин и Париз, промената на преговарачката рамка е невозможна – исто како што Софија го блокираше нејзиното усвојување и ефективно стави вето на Скопје од ноември 2020 година.

Шолц рече дека постои големо заедничко разбирање за тоа каков треба да биде резултатот, проблемот е како да се постигне тој резултат.

„Никогаш не се знае каков ќе биде исходот на крајот, но сите работат напорно. Вреди да се трудиме за да постигнеме резултат“, рече тој.

Шолц и Петков прво имаа разговор во четири очи, а потоа во рамките на двете владини делегации. 

Прашањето за Македонија беше искористено од Слави Трифонов и неговата партија Има таков народ да излезат од четирипартитната владејачка коалиција.