Петков го праќа Борисов на „топол остров“ за да прави коалиција со ГЕРБ?


Бојко Борисов вчера ми кажа дека е подготвен да поднесе оставка како лидер на ГЕРБ- соопшти за БТВ поранешниот претседател  на Бугарија (2012-2017), Росен Плевнелиев.

„Борисов е подготвен да го направи тоа и го има изјавено многу пати, вклучително и во разговорите со Кирил Петков. Борисов отсекогаш бил „за“ европскиот развој на Бугарија. Партијата на Бојко Борисов никој не може да ја земе, тој ќе продолжи да биде главен фактор во оваа партија“, додаде тој.

Плевнелиев објасни дека Борисов добро знае дека луѓето ќе сакаат да видат нови лица.

„Тој отсекогаш бил подготвен да ги стави одлуките пред сопственото его и деструктивност. И сигурен сум дека може да биде дел од позитивното сценарио во кое Бугарија забрзува со стратешки инвестиции, фондовите на ЕУ, влез во еврозоната и во Шенген“, додаде Плевнелиев.

Изјавата е интересна  во контекст на актуелната политичка ситуација, бидејќи од една страна Борисов во неколку наврати изјавуваше со кои партии ќе владее ГЕРБ – оние кои го поддржуваат усвојувањето на еврото, страната на Украина  во војна со Русија и кои стојат цврсто зад НАТО и ЕУ. На овој профил реагираа Демократска Бугарија и „Продолжуваме со промената“ кои  дадоа контрадикторни сигнали дека ГЕРБ е можен партнер – само доколку Борисов не е на чело. Во четвртокот премиерот во оставка Кирил Петков рече дека ако Борисов „одлучи да оди на топол остров“, има идеи за европска Бугарија со некои заменици на ГЕРБ. Истовремено, тој додаде дека се уште постои јасна линија со кого може да се влезе во коалиција.

Плевнелиев рече и дека политичката ситуација во моментов претпоставува избори.

„Дури тогаш се надевам дека ќе видам одговорен однос и ќе формираме влада на национална согласност за забрзана интеграција на Бугарија во срцето на Европа. Се надевам дека тоа ќе се случи“, додаде Плевнелиев.

На изјавата на Плевнелиев експресно реагираше Борисов,  што е сигнал дека неговото заминување од партијата не е негова идеја, туку му се праќаат пораки отстрана. 

„ГЕРБ има лидер избран пред 3 месеци. Се повлеков од парламентот, за да не иритирам, предложив кабинет без мое учество. Да игра како тие што свират, да оставам силна партија за да стане привезок на „Продолжуваме промената“ и на Демократска Бугарија, тоа нема да се случи. Дефинитивно избори“, порача Борисов.