Петар Богојески заминува од функцијата, ќе добие нова


Лидерот на Македонски концепт и од неодамна раководил на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, ќе добие нова функција. Тој самиот го објави тоа на фејсбук по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, нешто што звучи како политичко унапредување и награда за соработка на локалните избори. Но, дали станува збор и за најава за смена на Богојески од функцијата откако неговото именување покрена бура реакции во јавноста, а неофицијално се соочува и со активен бојкот од европските преставници во работата?  Инфомакс објави дека пред неколку недели  Министерството за образование и наука и Националната агенција за европски и образовни прашања добиле рок од 30 дена да исполнат низа таксативно наброени услови доколку не сакаат суспензија или целосно затворање на агенцијата во Македонија и прекин на поддршката од Брисел. Меѓу условите била и смената на директорот, Петар Богојески, кој денеска соопшти дека поради „надградбата на коалицискиор договор“ си заминува од таа позиција.
 
„Согласно Одлуката на претседателството на политичката партија Македонски концепт  денес е остварена  официјална средба помеѓу претседателот  Петар Богојески и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,  Христијан Мицкоски, на која беше констатирано следното:
 
-Прво, потврдена е добрата соработката во рамки на Коалицијата “Твоја Македонија”.
 
-Второ, дадена е позитивна оценка за досегашното функционирање на владата на Коалицијата со назнака за дополнителен фокус во одредени подрачја од политичките приоритети.
 
-Трето, договорен е заеднички настап на следните локални избори 2025 година, при што споделено е убедување во голема победа.
 
-Четврто, договорена е прераспределба на позиции и институции кои ќе ги раководи Македонски концепт во рамки на извршната власт, со што потврдено е дека претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, ќе раководи со друга институција. Македонски концепт ги достави своите сугестии за програмските приоритети на Владата за наредната година, за што јавноста ќе биде навремено информирана“, објави Богојески без да наведе која функција ја очекува. 
Богојески инаку е на оваа функција нецели три месеци.