Петар Богојески од „Македонски концепт“ добил отказ во Одбрана

Државниот советник во Министерството за одбрана и политички активист, Петар Богојески, добил отказ од работното место затоа што, наводно, споделил линк од портал на фан-страница, а во врска со руско влијание во македонско-бугарскиот спор и во редовите на МПЦ-ОА.
Како што објавува Дојче веле, Богојески тоа го објаснува како обид да се замолчи опозицијата. „Информиран сум за изречена мерка – отказ, по дисциплински престап. Во текот на вчерашниот ден имало обид за достава на таа одлука на неовластена адреса, а секако и до мене, но поради отсуство од работа, не е доставена. Ова е школски пример за прогон од власта кон неистомисленици, особено обид да се замолчи опозицијата со недозволени, недемократски средства“, вели Богојески.
Тој за ДВ тврди дека против него се воделе повеќе нарачани дисциплински постапки, со цел да биде замолчен како опозициски активист, лидер на „Македонски концепт“. Пред отказот тој бил распореден на пониска работна позиција. Причината, исто така, била личен политички коментар на Богојески на Фејсбук, во однос на Израел и Палестина, а постапката била покрената по пријава од надворешен субјект.
Петар Богојески беше остар критичар на состојбите во ВМРО-ДПМНЕ, иако е дел од оваа партија, а ја критикуваше и власта за начинот на кој ги води преговорите со Бугарија. Неговиот „Македонски концепт“ не учествуваше на локалните избори, откако на парламентарните во 2020 беше целосно маргинализиран. Забележливо е дека последниве месеци речиси да ја снема критиката за ВМРО-ДПМНЕ и идеолошките правци во партијата.