Петар Атанасов не можел да се бори со ветерници, ќе си оди и од раководството на СДСМ


„Причината за мојата оставка не е тоа што не станав министер, туку неостварувањето на реформите во образованието“, вели Петар Атанасов за „Независен весник“. Тој нагласува дека голем дел од програмата која ја подготвувал со неговиот тим за партијата и за Владата не е реализиран.

Атанасов открива дека пред два месеца разговарал со премиерот Зоран Заев, му објаснил што не е добро во образованието и што се прави погрешно, му укажал дека ситуацијата е неодржлива и дека треба многу повеќе да се направи, оти работите во системот на образование не водат кон подобро образование, а ресурсите се нерационално искористени. Му укажал на премиерот дека е подготвен да го води ресорот доколку му го понуди.

Според Атанасов, Владата недоволно ги реализира реформите во образованието, па во моментов патиштата им се разидуваат. На прашањето дали неговите патишта се разидуваат и со оние на партијата СДСМ, тој вели дека и оттаму ќе се повлече бидејќи немал намера да се бори со ветерници.

„Јас сум сè уште член на централниот одбор, тој се избира на конгрес, ама ова веројатно ќе биде неодржлива ситуација и ќе морам и оттаму да се повлечам, затоа што немам намера да се борам со ветерници. Јас сакав да правиме програми, промени, немав намера со никого да се конфронтирам политички“, нагласува Атанасов.

Тој посочува дека со министерот Арбер Адеми и идејно и концепциски се разликувале.

„Се повлеков од позицијата заменик-министер поради неисполнувањето на ветените образовни реформи, не можев тоа да го направам внатре бидејќи немаше простор да се спроведуваат, а и согласност во врвот на Министерството. Со министерот се разликувавме и идејно и концепциски. Значи, тоа е политички проблем. Јас барав да го водам ресорот, да ја спроведам програмата што јас сум ја создал во двата последни изборни циклуса на СДСМ и кои се влезени и во програмите на партијата и во програмата на Владата. Јас и мојот тим ја напишавме и сакавме тоа да го реализирам. Сметам дека голем дел од тоа не се реализира. Тоа е причината да не останам таму. Ресорот образование е сериозен и сложен, за тоа мора да имаш големи познавања за да можеш да правиш промени, јас тоа сакав да го правам таму. Не е ова чин, не ми даваш да бидам министер и затоа си одам. Јас ќе си отидев пред две години да беше така. Пред две години очекував дека ќе го водам ресорот, но не ми беше понуден. Лани ми беше понудено само заменичкото место, влегов, ама не се реализираше она што треба да се прави. Навистина многу дадов во подготовката на стратегијата ‘Едно општество и интеркултурализам’, бев од луѓето кои ја внесоа и идејата и енергијата во тоа“, вели Атанасов за „Независен“.

Атанасов на функцијата заменик-министер во ресорот образование и наука беше 10 месеци. Објаснувајќи зошто не придонел да се спроведат ветувањата и новините внесени во програмата во периодот додека беше на позиција, тој тврди дека цела моќ е во рацете на министерот.

„Знаете, целата моќ е во рацете на министерот, со тоа јас како заменик немам право на потписи, да праќам закони по ниедна основа. Формално јас не можев да давам такви предлози… Сте виделе ли некаде дека заменик-министер потпишал закон и дал предлог до Собрание… најчесто тоа се прави во тим“, додаде Атанасов.

Премиерот Зоран Заев во изјава за јавноста во вторникот рече дека Атанасов си поднел оставка бидејќи не станал министер за образование и наука.

„Жалам што господинот Петар Атанасов си поднесе оставка на таков начин. Ред е да кажам, тоа го направи затоа што не стана министер за образование. Бараше од мене да стане министер за образование, но не стана министер. Јас во саботата ја донесов конечната одлука и му ја соопштив“, посочи рече Заев.

Министерот за образование Арбер Адеми тврди дека е свесен оти состојбите во образованието не се сјајни, меѓутоа рече работат да се подобрат. Жали за одлуката на неговиот заменик бидејќи имале многу простор за соработка и да постигнат резултати. Токму реформите, како што рече, во образованието се приоритет на Владата.

„Имавме многу простор да соработуваме и да постигнеме резултати. Состојбата во образованието, која е сега резултат на повеќегодишно неработење, и не било како приоритет. На оваа влада навистина ѝ е приоритет образованието“, посочи Адеми.

Вероника Мароска-Леова