Пет лица, турски државјани, се изгубиле на Водно откако се стемнило – евакуирани се


Фото: Б. Грданоски

Петмина турски државјани останале на Водно откако се стемнило, па се изгубиле. Се јавиле на бројот на итни случаи 112, по што биле безбедно симнати од планината.

– По добиениот повик на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК дека на паркингот кај Милениумски Крст на Водно се наоѓаат пет лица, турски државјани, кои се изгубиле и не знаеле да се спуштат надолу откако се стемнило, од Секторот за операции и координација на ЦУК се известени дежурните од полицијата, СВР Скопје, кои веднаш тргнале со возило. Притоа, од ЦУК им бил даден и телефонскиот број на пријавителот, турски државјанин, за да се оствари и непосредна комуникација преку „вибер“, согласно потребите – соопштија од ЦУК

Од таму информираат дека во 18.10 часот петте лица, турски државјани, се пронајдени и од кај месноста Милениумски Крст на Водно, согласно остварените контакти со СВР Скопје, па се земени со возило на полицијата за безбедно да се евакуираат кон градот.