Пет лица приведени во врска со исчезнувањето на Вања Ѓорческа

Министерот Спасовски не сака да кажува повеќе детали за истрагата затоа што таа е во деликатна фаза. Вања Ѓорческа е исчезната веќе шест дена


 

Пет лица се приведени во врска со случајот за исчезнувањето на девојчето Вања, информираше денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања дали има напредок во истрагата за девојчето.

„Синоќа до доцните часови се работеше интензивно. Морам да кажам дека имаме приведено пет лица и обезбедено едно возило, со што се продолжува понатаму со активностите. Тоа е нешто плус што го презедовме во однос на сето она како доказ, како трага што ја обезбедуваме, сѐ со цел да дојдеме до расчистување на овој случај“, рече министерот.

Тој рече дека се преземаат опсежни криминалистички истражни мерки за да се дознае што се случило со 14-годишната Вања.

„Фактите коишто ги утврдуваме преку овие истражни мерки ќе ги соопштиме во јавноста во момент кога треба да бидат соопштени, заради тоа што предвременото соопштување ни прави проблеми“, истакна Спасовски и додаде дека вчера во Собранието рекол дека не е точно дека на Вања ѝ се губи трагата кај „Силбо“, односно кај „Броз кафе“ на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје за да не се шират повеќе шпекулации.

Веќе шест дена се трага по Вања Ѓорчевска која исчезна во понеделникот во период по 7.20 часот, на пат кон училиштето „Песталоци“ во близина на Дебар Маало. Последен пат наводно била забележана на булеварот „Партизански одреди“ пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата. Во изминатиот период, на барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за ичезнатото девојче од страна на Интерпол.