Песокот и морето не се опасни за заразување од ковид-19, сметаат грчки експерти


Оваа година е толку безбедно да се легне на песок, колку што беше лани и преклани, но и пред десет години, вели професорката по морска микробиологија на Универзитет „Ејџиан“, Адамантиа Ефстратиу, додека пак професорката од Катедрата за океанографија и морска бионаука, од истиот Универзитет Рања Ѕораки, истакнува дека дури и на плажа потребно е да се држи неопходното растојание, јави дописничката на МИА од Атина.

Двете професорки за радиото на грчката новинска агенција „Практорио фм“, говорат за Ковид-19 и веројатноста некој да се зарази додека е на плажа или во море.

За пливањето во море, професорката Ефстатиу објаснува дека важи истото она што важи и за било кој друг простор, но додава дека треба да се разгледа случајот што доколку некој е заразен, кашла, а се наоѓа на растојание помало од 1,5 метар. Сепак истакнува дека од „морската вода нема да го закачиме корона вирусот за да се разболиме“

Во однос на плажите објаснува дека поради сонцето и високите температури вирусот, дури и да се наоѓа на песокот не може да преживее.

Професорката Ѕорѕаки потенцира дека е важно сите да се придржуваат кон правилото за држење растојание, па дури и на плажа, а додава дека на организираните плажи со лежалки, за секое лице потребно е да има најмалку пет, а најдобро осум метри квадратни, за да се избегне близок контакт.

Во однос на поставувањето плексиглас меѓу лежалките како можно решение за заштита на плажа, професорката Ѕораки вели дека „тоа е идеја што може дури да биде и опасна“, особено за малите деца кои додека си играат може да се удрат, додека пак професорката Ефстратиу објаснува дека „сите тие планови за чудни конструкции на песок се претерани и немаат никаква врска со јавното здравје“.