Песочната бура го претвори Багдад во нестварен град
Целиот град е претворен во портокалова слика. Аеродромот, училиштата, владините канцеларии се затворени, болниците се полнат со пациенти

Силна песочна бура повторно го зафати Ирак, кој веќе страда од климатските промени, а најмалку 4.000 луѓе завршија во болница поради проблеми со дишењето, пишува „Дејли мејл“.
Густиот облак прашина што го прекри главниот град Багдад доведе до затворање на аеродромите, училиштата и јавните канцеларии низ целата земја.
Ова е осма песочна бура од средината на април што го погодува несреќниот Ирак, кој веќе страда од деградација на почвата, интензивни суши и слаби врнежи поврзани со климатските промени, а зголемувањето на температурите дополнително ги намалува врнежите.
На почетокот на овој месец песочна бура усмрти едно лице, а дури 5.000 завршија во болница поради респираторни проблеми.
Поради тоа Багдад е обоен во портокалово, а песок прекри многу други градови, вклучувајќи го шиитскиот свет град Наџаф на југ и Сулејманија во северниот курдски регион.
Жолтиот и портокаловиот песок ги прекри покривите на куќите и автомобилите и навлезе во домовите.
Властите во седум ирачки провинции, вклучувајќи го и Багдад, наредија затворање на владините канцеларии.
Но здравствените установи останаа отворени за да им помогнат на оние кои се изложени на најголем ризик, вклучително и постарите лица и оние кои страдаат од хронични респираторни и срцеви заболувања.
Најмалку 4.000 луѓе се примени во болница поради проблеми со дишењето, рече министерот за здравство Сеиф ал Бадр, додавајќи дека сите пациенти ја добиле потребната медицинска нега.
Околу 20 пациенти, од кои повеќето постари мажи, биле примени во „Ша“ во Багдад
Луѓето кои отишле во светилиштето на Имамот Али во Наџаф за време на невремето се снимени како носат маски за лице.
Некои се гледаат како ја преминуваат реката Еуфрат преку мост во светиот град Насирија, а водата од реката едвај се гледа поради облаците од песок.
70-годишниот Хади Саада лежи настрана во болнички кревет прикачен на респиратор. Тој едвај може да дише. „Ова е третпат да заврши во болница поради песочна бура“, вели неговиот син Мохамед Саада, додавајќи дека неговиот татко има проблеми со срцето.
Друг пациент, исто така 70-годишен, Калед Јасем, дише преку резервоар за кислород. „Овде сме од осум часот наутро. Татко ми има проблеми со срцето, висок крвен притисок, дијабетес и се гуши од прашина“, вели неговиот син Валид Јасем.

Околу 75 луѓе кои имале проблеми со дишењето биле примени во болницата „Шеик Заед“ во понеделникот, вели Талиб Абделмонеим Наим, едно од медицинските лица во болницата.
Песочната бура драстично ја намали видливоста на само 300 метри на аеродромот во Багдад, принудувајќи ги властите да го затворат, соопшти државната новинска агенција ИНА. Затворени се и аеродромите во Наџаф и Сулејманија.
Привремено се затворени и училиштата низ државата, а завршните испити се одложени за вторник. Одложени се и испитите на факултет.
Последното во низата песочни бури би требало да стивне кон средината на неделата.
Блискиот исток отсекогаш бил погоден од песочни бури, но тие зачестија во последните години. Овој тренд е поврзан со прекумерна експлоатација на речните води, прекумерно пасење и уништување на шумите.
Ирак е богат со нафта и познат како земја на две реки – митската Еуфрат и Тигар. Но, резервите на вода се намалуваат со години, а Ирак е класифициран како една од петте најранливи земји во светот поради климатските промени и опустинувањето.
Во април, Министерството за животна средина предупреди дека Ирак може да очекува „272 дена песочни бури годишно“ во следните 20 години.