Песков: Одлуката на Тајм да го избере Зеленски за личност на годината е русофобна


Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Одлуката на американското списание „Тајм“ да го избере украинскиот претседател Володимир Зеленски за личност на 2022 година одговара на севкупните русофобични чувства во Европа, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков рече дека „Тајм“ користи свои критериуми со кои Кремљ може да се согласи или не, но дека тоа е нивна уредувачка политика.

– Меѓутоа, во овој случај, уредувачките насоки на списанието остануваат во границите на паневропскиот мејнстрим, кој е целосно кратковиден и жестоко антируски, рече Песков.

Американскиот магазин „Тајм“ го прогласи украинскиот претседател Володимир Зеленски за личност на 2022 година и „духот на Украина“.

„Тајм“ од 1927 година избира личност на годината кога оваа титула му беше доделена на американскиот пилот Чарлс Линдберг, кој го направи првиот самостоен лет преку Атлантикот.