Песков: Изградбата на противракетен штит е прашање на американскиот суверенитит, но неопходни се и контактите со Москва

Желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да изгради антиракетен штит над САД е прашање на американскиот „суверенитет“, но контактите со Москва по ова прашање остануваат „неопходни“, соопшти денес Кремљ, цитиран од француските медиуми.
-Ова е прашање што влијае на американскиот суверенитет. Доколку САД веруваат дека постои закана од балистички ракети, тогаш, секако, ќе развијат антиракетен штит, изјави портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков.
Меѓутоа, додаде тој, „во блиска иднина, текот на настаните ќе бара обновување на контактите со цел враќање на стратешката стабилност меѓу Вашингтон и Москва“.
-Овие контакти за стратешка паритет меѓу двете најголеми нуклеарни сили во светот мора да бидат обновени во интерес на нашите две земји и во интерес на глобалната безбедност, додаде Песков.
Изјавата претставува неочекувано омекнување на руската позиција, бидејќи во минатото Москва беше поостро критична кон проектот „Златна купола“ на Трамп, потсетуваат француските медиуми.
Од почетокот на мај, Москва, заедно со Пекинг, го опишуваат ракетниот штит како „многу дестабилизирачки“ бидејќи предвидува „зајакнување на арсенали за воени операции во вселената“ и претворање на вселената во „арена на вооружена конфронтација“.
Кон крајот на јануари, Русија го спореди планот за ракетен штит со проектот „Војна на ѕвездите“ на Роналд Реган од ерата на Студената војна, што вклучуваше пресретнување ракети во Земјината орбита. Овој проект никогаш не беше реализиран, потсетуваат француските медиуми.
Американскиот претседател претходно денеска го објави проектот за изградба на ракетен штит над САД во вредност од 175 милијарди долари. „Златната купола“ е дизајнирана да „пресретнува ракети, дури и ако се лансирани од другата страна на светот и дури и ако се лансирани од вселената“, се наведува во проектот.
Официјална Москва денеска ги отфрли обвинувањата од Украина и Европа дека се обидува да го одолговлекува мировниот процес, но соопшти дека сè уште не одлучила за местото на новите мировни преговори со Киев, како одговор на прашањето дали Ватикан би можел да биде домаќин на нив.
Трамп во понеделникот рече дека „би било одлично“ доколку Русија и Украина одржат мировни преговори во Ватикан, сугерирајќи дека тоа би додало дополнително значење на состанокот.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера изјави дека папата Лав XIV ѝ потврдил дека е подготвен да биде домаќин на следната рунда преговори.
Песков рече дека Русија ја поздравува „подготвеноста и напорите на сите страни кои сакаат да придонесат за брзо решавање (на конфликтот), но сè уште не е одлучено каде ќе се одржи следната средба. Москва не добила никакви конкретни предлози од Ватикан, додаде тој.