Песков: Абрамович беше дел од првата фаза преговори


 Санкционираниот олигарх Роман Абрамович имал улога во мировните преговори меѓу Русија и Украина, тврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јави Би-Би-Си.

Песков појасни дека сопственикот на фудбалскиот клуб Челзи, „бил дел од првата фаза“, но, сега процесот е во рацете на преговарачките тимови на двете земји.

Тој се осврна и на последното протерување на американски дипломати од Москва. Песков појасни дека тоа било реципрочна мерка, откако 12 руски дипломати беа протерани од Мисијата на ОН, во Њујорк, изминатиот месец.

Како што јави ТАСС, Песков изјавил и дека Русија има сојузници во Европа, со „потрезвен став“ и дека жална е општата антируска хистерија на Западот.

– Има земји што заземаат многу поконструктивна и трезвена позиција, понезависна позиција. Нема да ги именуваме, но има такви, беше одговорот на Песков, на прашањето дали Русија има сојузници меѓу земјите од ЕУ, кои би можеле да го пренесат ставот на Москва на самитите на НАТО и на Европската унија.