Пешевски и Миновски се повлекоа поради критиките од јавноста, вели Заев


Критиките од јавноста биле клучната причина поради која поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-министерот за финансии Кирил Миновски се повлекле од учество во платформата „За Македонија со љубов“ што ја промовира вицепремиерот Фатмир Битиќи, откри премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прaшања на прес-конференцијата посветена на првите 100 дена Влада.

Тој објасни дека вицепремиерот Битиќи почнал постапка на разговори со консултанти, а не со платени нови советници или функционери, туку на консултации со огромна група граѓани, преку 20, 50, стотина, со конечна цел да се соберат информации од сите страни за да се создаде национална економска стратегија.

„Голем дел овде се луѓе и од опозицијата, двајцата споменати се повлекоа под критики на јавноста, тој се повлече. Сакам да ги потврдам принципите. Често разговарам и јас со Мицкоски, за кој мислам дека е подеднакво инволвиран, виновен во глупости од тој период 2006 до 2016 година. Но, седнуваме и разговараме на вакви теми. Тоа не значи дека некој е член на Влада, учествува во советник во кабинет на некој министер, потпретседател на Влада или слично. Но, затоа сме транспарентна влада, веднаш реагираме и така соодветно реагираше потпретседателот на Владата, Битиќи“, изјави Заев.