Пешевски и Миновски дел од иницијативата „За татковината со љубов“ на Битиќи?


Поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-министерот за финансии Кирил Миновски се приклучиле кон иницијативата „За татковината со љубов“ на вицепремиерот Фатмир Битиќи, објави „Телма“.  

Битиќи, кој гостуваше вечерва на Топ тема на „Телма“, не одговори директно дали овие поранешни високи функционери во владата на Никола Груевски, се дел од „За татковината со љубов“, но на прашањето на водителката Наташа Стојановска, тој одговори дека секој што ја сака татковината е дел од тимот.

„Можам да кажам дека и тие двајца си ја сакаат татковината“, рече Битиќи.

Кирил Миновски и Владимир Пешевски

„За татковината со љубов“, што ја иницира Битиќи, е неформално советодавно тело чија цел е во носењето на економските политики да се вклучи и експертската јавност и на тој начин да даде придонес за развојот на земјата. Првиот состанок на оваа платформа се одржа 3 декември, при што на онлајн средбата учествуваа стопанственици, универзитетски професори, економски експерти, претставници на невладини организации, како и поранешни министри, без оглед на политичката ориентација, родовата или етничка припадност.

 

Со голема радост денеска ви ја претставувам платформата „За татковината со љубов“, на која заедно со мојот тим работиме…

Posted by Fatmir Bytyqi on Thursday, December 3, 2020