Пешев: Владините мерки се комплицирани и тешко достапни за голем број компании

Македонската економија веќе втор месец функционира во исклучително тешки околности и се потпира на своите сопствени резерви, додека владините мерки и покрај најдобрата волја и намера на Владата се комплицирани и тешко достапни за голем број компании, смета Стопанската комора на Македонија.

Од оваа асоцијација на стопанствениците велат дека мерките се фокусирани доминантно на правата на работниците, за што имаат разбирање заради сензитивноста на положбата во која се најдоа најголемиот број граѓани.

Имаме чувство дека во овој привид, кој падна доминантно на товар на компаниите, се е нормално во економијата, ги натера луѓето да мислат дека се ќе се врати во нормала за кратко време и дека се ќе биде исто за недела или две. Но, тоа не е така…“, изјави денес Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија.

Тој вели дека на нашата држава ѝ претстои потешкиот период на совладување на кризата – обновата на економските текови.

„Во тој период цениме дека државата мора да комуницира со својот економски дел кој е единствениот креатор на приходите во буџетот… Ако тој не функционира, нема ни шанса за нормален живот… Ако оваа криза не успее да не натера да постигнеме консензус на државно ниво, тоа значи дека имаме проблем и тешко ни се пишува“, загрижено порача Пешев.

Тој исто така посочи дека во април, во земјава се регистрирани 7.030 нови невработени според евиденцијата на Агенцијата за вработување, што е идентично и со бројките во Косово.

Во Србија од почетокот на кризата работата до сега ја изгубиле околу 6.047 вработени, додека според податоците на Даночната управа на Албанија тој број изнесува 61.000 работници кои ја изгубиле работата како резултат на корона кризата, што укажува дека кризата може да донесе драматични последици.

Основната порака на комората е: „Да ѝ помогнеме на македонската економија за доброто на сите нас“. Од таму најавија дека наместо дневните обраќања, тие преку прес-конференции барем два пати во неделата ќе ги изнесуваат ставовите за актуелните состојби преку четири важни поенти: бројки на денот; коментар на денот; споредба на денот и став на комората.

Пешев презентираше и повеќе податоци со кои илустрираше на тешкотиите со кои се соочуваат компаниите, но и дека покрај тоа за сега 71 отсто од членките на комората не најавуваат затворање на компаниите.

Тој потсети на изјавата на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески дека државата ќе се соочи со два големи проблеми во периодот што ни следи, а тоа се: дека во мај е голема веројатноста компаниите да се соочат со проблемот на ликвидност во што свој удел може да има и Владата; и дека заради најавените прекини на голем дел од договорите, извозот на државата се наоѓа во многу проблематична состојба. (М.Ј.)