Перу: Претседателот сакаше да го распушти Конгресот, а тој него го смени

Андската држава влегува од криза во криза. Педро Кастиљо беше првиот „народен претседател“ кој влезе во политиката без никакво искуство


Според вообичаениот образец Педро Кастиљо е обвинет за корупција

 

Претседателот на Перу беше сменет од Конгресот во средата, откако тој се обиде да го распушти законодавното тело и да преземе еднострана контрола врз владата, предизвикувајќи тешка уставна криза.

Потпретседателката Дина Болуарте го замени Педро Кастиљо и стана првата жена лидер во историјата на републиката по повеќечасовна расправија меѓу законодавниот дом и претседателот.

Болуарте, 60-годишен адвокат, повика на политичко примирје и воспоставување влада на национално единство.

„Она што го барам е простор, време за спас на земјата“, рече таа.

Пратениците гласаа со 101 спрема 6 и 10 воздржани за отстранување на Кастиљо од функцијата поради „трајна морална неспособност“.

Тој ја напушти претседателската палата со автомобил што го превезуваше низ историскиот центар на Лима. Тој влегол во полициска станица, каде што неговиот статус не бил веднаш јасен. На фотографијата што ја распространи националната полиција на Твитер пред да биде избришана, Кастиљо може да се види како седи внатре во станицата опкружен со полицајци.

Непосредно пред гласањето, Кастиљо објави дека поставува нова влада за вонредни состојби и дека ќе владее со декрет. Тој нареди ноќен полициски час почнувајќи од средата навечер. Шефот на армијата на Перу потоа поднесе оставка, заедно со четворица министри, вклучително и оние за надворешни работи и економија.

Кастиљо во необичното полноќно обраќање на државната телевизија пред гласањето рече дека никогаш нема да го извалка „доброто име на моите чесни и примерни родители, кои како и милиони Перуанци, работат секој ден за чесно да изградат иднина за нивните семејства“.

Селанецот кој стана претседател рече дека плаќа за грешките направени поради неискуство. Но, тој рече дека одреден сектор на Конгресот „има единствена точка на дневниот ред да ме смени од функцијата бидејќи тие никогаш не ги прифатија резултатите од изборите што вие, драги мои Перуанци, ги утврдивте со вашите гласови“.

Кастиљо ги отфрли обвинувањата за корупција против него, велејќи дека тие се засноваат на „изјави на луѓе кои, сакајќи да ги олеснат сопствените казни за наводни злосторства со злоупотреба на мојата доверба, се обидуваат да ме вмешаат без докази“.

Федералните обвинители истражуваат шест случаи против Кастиљо, повеќето од нив за наводна корупција, според теоријата дека тој ја користел својата моќ за да профитира од јавни работи.

Прв претседател кој доаѓа од сиромашна земјоделска заедница во историјата на нацијата, Кастиљо пристигна во претседателската палата минатата година без никакво политичко искуство. Тој го менуваше својот кабинет пет пати во текот на годината и пол на функцијата, оставајќи парализирани различни владини агенции.

Иако Кастиљо е првиот претседател кој е под истрага додека с\ уште е на функција, истрагите не се изненадување во земја каде што речиси секој поранешен претседател во последните 40 години е обвинет за корупција поврзана со мултинационални корпорации, како што е бразилската градежна фирма „Одебрехт“.

Од 2016 година, Перу е вкоренет во политички кризи, при што конгресите и претседателите се обидуваат да се елиминираат едни со други. Претседателот Мартин Вискара (2018-2020) го распушти Конгресот во 2019 година и нареди нови избори. Тој нов законодавен дом го отстрани Вискара следната година. Потоа дојде претседателот Мануел Мерино, кој траеше помалку од една недела пред да бидат убиени двајца демонстранти и повредени 200 други демонстранти. Неговиот наследник Франциско Сагасти издржа девет месеци пред Кастиљо да ја преземе функцијата. (АП)