Перишиќ: Ужасно срамно е да ни донираат противпожарни возила и опрема
Во државава не постои тренинг центар за обука на новите пожарникари и старите, секако, кои би биле соодветно обучени за да си ја работат својата работа

Недоволно пожарникари, никаов систем за тренинг и евалуација на новите и старите пожарникари, непостоење на тренинг центар, нестандардизирана опрема и возила, најчесто прибавена од донации, Агенцијата за шумарство воопшто нема пожарникари, непостоење на подзаконски акти со кои се гарантира безбедноста од поставување фотоволтаични системи се дел од проблемите со кои се соочува Македонија при заштитата од поажари.
„Имаме околу 400 пожарникари, иако согласно закон, бројката треба да биде околу 800, затоа што законот вели дека на секои 1.500 жители, треба да се има по еден пожарникар. Во државава не постои тренинг центар за обука на новите пожарникари и старите, секако, кои би биле соодветно обучени за да си ја работат својата работа. Само како пример ќе ви го спомам случајот што ни се случуваше во неколку општини: распишуваат конкурс за човек којшто ќе работи во пожарната. Се јавуваат 4, 5, они избираат еден, другите пријавени се жалаат, затоа што нема основ по кој ќе го изберете новиот пожарникар. Нема граница, нема квалификација, нема стандард. Мора да обезбедиме тренинг центар каде ќе се обучуваат новите пожарникари, рече Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, на денешата конференција „Заштита на објекти од пожар и претставување на работата на техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46“ во оганизација на Институтот за стандардизација на РСМ и Техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46.
Таа додаде дека возилата што ги употребуваат дел од протипожарните друштва се стари и по 40, 50 години, а сите се различни, затоа што поновите пак, најчесто доаѓаат од донации од странски амбасади и донатори, несоодветни или нестандардизирани за наши услови.
„Ни подаруваат возила кои технички не се соодветни за нашите услови. Имаме возила со возачот на десната место на левата страна, приклучните механизми не се соодветни на нашиот надворешен систем, па мора да се прилагодуваат. Друг проблем е опремата на пожарникарите. Ова го имаат увидено и странските донатори и амбасади. За мене е малку срамно дека ќе дојде некој од страна да ни помогне, а убедена сум дека имаме и средства и знаење сами да го направиме. Испративме до 34 општини со прашања што им недостасува. Во септември ќе имаме состанок за да организираме која амбасада што ќе донира иако за мене тоа е ужасно срамно. Централната власт треба да се погрижи за делот којшто на нив им припаѓа, а тоа е ЦУК и ДЗС повеќе да се координираат. Скоро слушнав дека и Агенцијата за шумарство, немаат свои пожарникари, па сакаат да ги користат пожарникарите од локалната самоуправа. Што е малку чудно, бидејќи најголем број од пожарите сега во лето, настануваат во шумите“, додаде Перишиќ.
Околу безбедноста од инсталирање обновливи извори на енергија, најчесто соларни системи, зборуваше државниот секретар во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини Горан Јовановски.
„Во време кога Македонија прави силни чекори кон зголемена интеграција на обновливи извори на енергија, особено соларната енергија фокусот не смее да биде само на производството на чиста енергија, туку и безбедноста при нејзината примена и експлоатација.
Сѐ почесто сме сведоци на инсталации на фотоволтаични системи на кровови на домови, индустриски објекти, па дури и јавни згради“, рече Јовановски.
Овој тренд е за поздрав, но мора да биде поткрепен со соодветна законска и стандардизациска рамка.
„Пожарите во фотоволтаичните постројки, иако релативно ретки, претставуваат значителен ризик, поради уникатните предизвици што ги претставуваат во гасењето пожари. Иако фотоволтаиците се генерално безбедни, недостатоци во дизајнот, грешките во инсталацијата и дефектите на компонентите можат да доведат до пожари, честопати вклучувајќи електрични искри и жаришта“, додаде Јовановски.
Смета дека за да се гарантира безедноста од фотоволтаици, мора да постојат посдзаконски акти кои ќе ја гарантираат безбедноста, а тоа мора да се направи со вклученост на експерти“.
Целта на денешната конференција е изградба на посигурна и побезбедна иднина преку соработка, експертска размена и прес сѐ имплементација на стандардите за заштита од пожар при проектирање, изградба и користење на објекти.
Ристески: Построги стандарди за заштита и безбедност за физички и правни субјекти кои сакаат да работат со угостителска дејност
Во моментов Министерството за економија и труд и сите останати министерства и државни институции работат на промена на постојните нормативи во вид на закони и правилници за работа со кои ќе се воведат построги и повисоки стандарди за заштита и безбедност за сите физички и правни субјекти кои сакаат да работат со угостителска дејност. Ќе се зголеми координацијата меѓу институциите и ќе се зајакнат контролите и механизмите на државата, истакна денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на конференцијата на тема „Заштита на објекти од пожар и претставување на работата на техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46“, што се одржува во Стопанската комора.
Целта на овој настан, како што рече, покрај запознавање со активностите и работата на техничкиот комитет при Институтот за стандардизација на Македонија е зголемување на свеста кај стручната и поширката јавност за значењето на примената на стандардите и нивната улога во законските и потзаконските акти поврзани со заштита од пожар, како суштински сегмент во процес на проектирање и градење.
Според него, оваа тема е од исклучителна важност и за жал е болна и актуелна тема во Македонија.
– Изминативе неколку години сме сведоци на големи трагедии кои се предизвикани токму од недостиг на спроведување стандарди за безбедност и заштита од пожари. Овие трагедии беа резултат на законски нормативи полни со недоречености, недостиг на контролни механизми за спроведување на постојните пропишани регулативи и стандарди за безбедност, лошата координираност на институциите, но и нискиот праг на стандарди за давање дозволи за работа во дејности или објекти, рече Ристески.
Конференцијата е организирана од Институтот за стандардизација и Техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46, во коорганизација со Комората на овластени архитекти и инженери, Стопанска комора на Северна Македонија, Техноинспект, Кнауф, Адинг и други партнери.
Конференцијата почна со едноминутно молчење во чест на загинатите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.