Перински и Димовска договорија заеднички активности за поддршка на општините, младите и иновациите


Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари работен состанок со директорката на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, Даниела Димовска, на кој беа договорени повеќе заеднички активности насочени кон јакнење на капацитетите на општините, поголемо вклучување на младите и поттикнување на примената на иновативни решенија во локалниот развој.

Како една од првите заеднички активности беше договорена реализацијата на програмата „Месеци на практиканство“, која ќе се спроведува во текот на август и септември. ИНОВА, во соработка со државните универзитети, ќе го координира вклучувањето на студентите во програмата, додека Министерството за локална самоуправа, преку Ресурсниот центар за поддршка на општините и во рамки на воспоставениот меморандум за соработка со државните универзитети, ќе ја организира и координира нивната практична работа во општините, согласно потребите на општинските администрации.

Целта е општинската администрација да стане подостапна за младите, а студентите одблиску да се запознаат со нејзиното функционирање и надлежности. Воедно, нивното академско знаење, новите идеи и современите пристапи ќе претставуваат дополнителна вредност за општините, со потенцијал да придонесат за унапредување на одделни административни процеси и услуги.

Еден од најзначајните сегменти во рамки на договорената соработка е заедничкото креирање на јавни повици кои ќе произлегуваат од реалните потреби на општините. Врз основа на конкретните локални предизвици ќе се дефинираат повици за развој на иновативни решенија, при што ИНОВА преку своите грант-програми ќе обезбедува финансиска поддршка за стартапи, иновативни компании и претприемачи кои ќе понудат практични и применливи решенија.

Дополнително, двете институции ќе воспостават механизам преку кој Центрите за развој на планските региони ќе станат регионални информативни точки на ИНОВА. Преку оваа мрежа, сите јавни повици, програми и можности што ги нуди ИНОВА ќе бидат достапни и промовирани до граѓаните, младите, претприемачите и компаниите на локално ниво, овозможувајќи поголема достапност до информациите и услугите.

Со оваа соработка Министерството за локална самоуправа и ИНОВА воспоставуваат функционална рамка преку која локалната самоуправа, академската заедница и привтниот секторот вклучен во делот на иновации ќе работат интензивно и координирано. Целта е знаењето, иновациите и новите технологии да бидат ставени во функција на развојот на општините и создавањето поквалитетни услуги за граѓаните.