Пепелта од депонијата на РЕК „Битола“ не била радиоактивна
БИТОЛА – Пепелта од депониите на РЕК „Битола“ не е радиоактивна, вели професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски по извршеното мерење на терен. Во Битола деновиве стручната јавност дискутира на тема колку е возможно откажувањето на јагленот како примарен ресурс за производство на струја од РЕК „Битола“ и модернизација на битолскиот комбинат во техничко-технолошка смисла.
„Дали пепелта од термоцентралата на РЕК „Битола“ е радиоактивна или не? Кратко и јасно: не е радиоактивна.“, вели професорот Трајковски.
Тој заедно со инженерот Илија Бендевски од Здружението на инженери на Македонија направиле како што вели „една мини-експедиција“ по депониите за јаловина и пепел, на одлагалиштето на РЕК „Битола“ во близина на напуштеното и затрупано село Билјаник во Пелагонија.
„Мерењата на свежата пепел покажаа дека дозата на еквивалентна радијација над самата пепел изнесува 0,08…0,10 uSv/h (микросиверти на час), што е приближно трипати пониска вредност од радијациониот фон во битолскиот регион од околу 0,24 uSv/h. Ова значи дека тука единствениот извор на радијација е космичкото зрачење. Вакви ниски дози на радијација претходно имаме измерено само над Преспанско Езеро. Да заклучиме, пепелта, но и цементот добиен од пепелта од битолските термоелектрани е сосема безбеден од гледна точка на радијација“, вели професорот Трајковски.
Деновиве во фокусот на битолската јавност е темата зелена транзиција на РЕК Битола.
Помошник директорот на Секторот за инвестиции, развој и проектирање во РЕК „Битола“, Тони Ангелевски, ги презентираше идните планови и проекти кои ќе се реализираат во рударско енергетскиот комбинат во контекст на зелената транзиција.
„Зелена транзиција не значи дека станува збор само за откажување од јагленот како основен ресурс за производство на електрична енергија, туку подразбира цел еден процес на прилагодување на енергетската транзиција. Мораме да имаме предвид дека станува збор за комбинат кој е стар повеќе од четири децении. Токму затоа, целта ни е модернизација на комбинатот во техничко-технолошка смисла и значително подобрување на перформансите за производство со што ќе значи намалување на загадувањето“, рече Ангелевски на јавната дискусија на тема: „Праведна и зелена транзиција во Битола“ во организација на Младинскиот културен центар од Битола, во соработка со Локалниот економско социјален совет.
„Пристапот мора да биде искрен ако сакаме транзицијата да биде праведна и треба да направиме генерална разлика помеѓу ‘енергетска транзиција’ и ‘праведна транзиција’ во регионите во кои што се произведува електрична енергија преку јаглен. Само ќе кажам дека Германија не е подготвена до 2050 да стане неутрална на јаглен и нема да навлезам стручно понатаму“, изјави Борче Димитровски, заменик-претседавач на ЛЕСС Битола. (А.Б.)