Пепелта на 8.000 жртви пронајдена во масовна гробница кај нацистичкиот логор Солдау во Полска

Масовна гробница со 17,5 тони човечка пепел е откриена во северна Полска, во близина на поранешниот нацистички концентрационен логор Солдау.
Томаш Јанковски од полскиот национален институт за сеќавање рече дека гробницата содржи најмалку 8.000 жртви.
Се претпоставува дека телата биле запалени во нацистичка операција за да се сокријат трагите од нивните убиства.
Нацистите убиваа Евреи, политички противници и членови на полската елита во Солдау.
Концентрациониот логор бил изграден во 1939 година за транзит, интернирање и истребување и се користел во текот на нацистичката окупација.
Се смета дека таму се убиени до 30.000 луѓе, а истражувачите се надеваат дека ќе направат ДНК анализа на останките за да дознаат повеќе за жртвите. Меѓу Полјаците кои беа убиени имаше и членови на свештенството и интелигенцијата.
Археолозите пронајдоа стотици траги од облека, копчиња и други предмети, но ништо вредно, што укажува дека телата биле ограбени пред да бидат запалени.
Јанковски рече дека две јами биле пронајдени во близина на Солдау, сега познат како Џиjалдово, и дека ќе се изврши дополнително ископување за да се бараат повеќе. Проценката на 8.000 жртви се заснова на телесната тежина на една личност проценета на 2 килограми.
Во посебен развој на настаните, полскиот премиер Матеуш Моравјецки во средата рече дека е подготвен извештај во кој се детализирани не само нацистичките воени злосторства, туку и пресметките на финансиските загуби кои биле претворени во сегашни вредности.
Тој рече дека Германија нанела огромна штета на полскиот народ и никогаш не платила репарации. Германија соопшти дека прашањето за репарации било законски затворено во 1950-тите.
Околу шест милиони Полјаци загинаа во војната, вклучувајќи три милиони Евреи. Пратеник во полската националистичко-конзервативна влада во 2019 година рече дека загубите би можеле да изнесуваат 850 милијарди долари. (Би-Би-Си)