Пензионираниот лендер на НАСА откри уште една мистерија: Марс ротира побрзо


 

Марс ротира побрзо отколку порано, според податоците што лендерот „Инсајт“ (InSight) на НАСА ги собра на црвената планета.

Сега веќе пензионираниот „Инсајт“ беше вооружен со пакет инструменти, вклучувајќи антени и радио транспондер наречен RISE, или Експеримент за ротација и внатрешна структура. Инструментите беа користени за следење на ротацијата на Марс за време на првите 900 дена на мисијата на планетата.

Астрономите утврдија дека вртењето на планетата се зголемува за околу 4 милиарсекунди годишно, или ја скратува должината на марсовскиот ден за дел од милисекунда годишно. Еден ден на Марс трае околу 40 минути подолго од еден ден на Земјата.

Зголеменото забрзување изгледа неверојатно мало, а истражувачите не се сосема сигурни што го предизвикува. Сепак, тие сугерираат дека тоа може да се должи на акумулацијата на мраз на половите на Марс или на порастот на копнените маси откако ќе бидат покриени со мраз. Кога масата на планетата се поместува на овој начин, тоа може да предизвика забрзување на вртењето на планетата.

Лендерот на НАСА, InSight Mars, го направи ова последно селфи на 24 април 2022 година, на 1.211-тиот марсовски ден од мисијата

Наодите, засновани на анализа на податоците на „Инсајт“ споделени пред мисијата да снема моќ и да се пензионира, беа објавени во јунската студија објавена во списанието “Нејчр“ (Nature).

Првично, мисијата „Инсајт“, првата што ја проучуваше внатрешноста на Марс, требаше да трае околу две години откако слета во ноември 2018 година. Но НАСА ја продолжи мисијата за уште две години.

Мисијата „Инсајт“ продолжи да собира податоци за Марс до самиот крај, замолкна во декември 2022 година, откако прашината ги блокираше неговите соларни панели да примаат сончева светлина.

„Инсајт“ имаше корист од потпирањето на напредокот во радио технологијата што беше огромно подобрување на она што го носеа слетувачите на „Викинг“ во 1970-тите и „Патфајндер“ (Pathfinder) во 1990-тите. Надградбите на „Дип спејс нетвортк“ (Deep Space Network), или масивните антени поставени на три стратешки точки на Земјата кои пренесуваат информации од вселенските мисии, исто така, ја подобрија точноста на податоците собрани од „Инсајт“ и испратени назад на Земјата.

Научниците ја користеа Deep Space Network за да емитуваат сигнали за RISE на „Инсајт“, кои потоа го рефлектираа сигналот назад кон Земјата. Овие преносни сигнали им помогнаа на истражувачите да ги следат малите промени на фреквенцијата предизвикани од Доплеровото поместување. Промените на фреквенцијата се поврзани со ротацијата на планетата.

„Она што го бараме се варијации кои се само неколку десетици сантиметри во текот на една марсовска година“, вели водечкиот автор на студијата Себастиен Ле Маистр, главен истражувач на RISE во Кралската опсерваторија во Белгија. „Потребно е многу долго време и многу податоци за да се акумулираат пред да можеме да ги видиме овие варијации.

Претходните истражувања овозможени со уникатните детекции на мисијата за внатрешноста на планетата потврдија дека Марс има стопено метално јадро. Истражувачите потоа го искористија RISE за да го измерат нишањето на Марс додека јадрото се навртува наоколу во него.

Следењето на нишањето на Марс, или нутацијата, му овозможи на тимот да ја измери големината на јадрото.
Податоците RISE сугерираат дека јадрото има радиус од околу 1.835 километри.
Оваа нова бројка беше споредена со претходните проценки за радиусот на јадрото кои беа собрани со следење на сеизмичките бранови додека патуваа низ внатрешноста на Марс.

Со комбинирање на овие мерења, истражувачите проценуваат дека јадрото на Марс има радиус помеѓу 1.790 и 1.850 километри.

Иако „Инсајт“ повеќе не е оперативен, неговата ризница на податоци собрани во текот на четири години на површината на Марс го промени начинот на кој научниците ја разбираат црвената планета. Мисијата беше првата што откри некои од тајните на внатрешноста на Марс, а научниците ќе ги анализираат нејзините податоци во наредните децении.

„Навистина е убаво да се биде во можност да се добие ова најново мерење – и толку прецизно“, рече Брус Банерд, кој служеше како главен истражувач на „Инсајт“ пред да се пензионира на 1 август. Работел во лабораторијата за млазен погон на НАСА во Пасадена, Калифорнија, 46 години.

„Долго време сум вклучен во напорите да се добие геофизичка станица како „Инсајт“на Марс, а резултатите како овој прават сите тие децении работа да вредат. (Си-Ен-Ен)