Пензионирани американски генерали работат тајно за странски влади
Стотици високи пензионирани американски воени лица работат за други земји за големи суми пари, а многу од нив ги прекршуваат човековите права. Ова го пишува „Вашингтон пост“ во својата статија врз основа на податоците од сопствената истрага.
Излегува дека американската влада ги декласифицира информациите за работата на пензионираните американски генерали во странство. Американците кои работат за федералната влада и добиваат пари или награди од странски сили станаа проблем за првпат по мандатот на претседателот Доналд Трамп, кога тој и некои функционери во неговата администрација беа обвинети за кршење на постоечките правила. Истите правила важат и за пензионираниот воен персонал, иако тие не се предмет на толку строг надзор. „Вашингтон пост“ се фокусираше на откривањето каква е природата на нивната работа во странски влади?
„Вашингтон пост“ ги тужеше Пентагон и Стејт департментот за да добие податоци за работните ангажмани на поранешниот американски воен персонал во странство, вклучувајќи го и видот на работата, платата и земјите во кои работеле. Досега се добиени повеќе од 4.000 страници документи, вклучително и евиденција за околу 450 американски воени лица кои се пензионирале од Армијата, морнарицата, воздухопловните сили и маринскиот корпус.
Владата се спротивстави на објавувањето на податоците, повикувајќи се на Законот за слобода на информации, тврдејќи дека нивното објавување не е во јавен интерес и ја нарушува приватноста на членовите на службата. По двегодишна правна битка, окружниот судија Амит П. Мехта во септември пресуди дека аргументите на владата се „неубедливи“.
„Јавноста има право да знае дали високите воени команданти ги користат своите позиции за да создадат можности за работа со странски влади откако ќе ги напуштат своите места“, напиша Мехта.
Главните резултати од овие податоци се зачудувачки. Од 2015 година, повеќе од 500 пензионирани американски воени лица, вклучително и многу генерали и адмирали, продолжија да работат како изведувачи и консултанти за странски влади, користејќи го нивното воено искуство и политичко влијание. Повеќето од нив работеа како цивилни изведувачи во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и другите монархии од Заливот, играјќи важна, но во голема мера скриена, улога во модернизацијата на вооружените сили на тие земји.
Странските влади дебело ги плаќаат американските воени професионалци, со плати и бенефиции кои достигнуваат шест, а понекогаш и седум цифри, многу повеќе од платите на повеќето активни американски воени лица. Пензионираните генерали и адмирали, се разбира, добиваат највисоки плати, но фактите покажуваат дека и поранешните воени лица од понизок ранг добиваат пристојни плати во странство покрај нивните воени пензии од САД.Повеќето од нив се регрутирани од земји познати по кршење на човековите права и политичка репресија врз неистомислениците.
Петнаесет пензионирани американски генерали и адмирали работат како високо платени воени советници на саудиското Министерство за одбрана и на престолонаследникот Мохамед бин Салман, за кој американските разузнавачи велат дека го наредил убиството на новинарот Џамал Кашоги во 2018 година. Кашоги инаку беше ангажиран како новинар од „Вашингтон пост“.Советници на Саудиска Арабија по убиството на Кашоги се поранешен советник за национална безбедност на Белата куќа, поранешен директор на Агенцијата за национална безбедност и поранешен командант на американските сили во Авганистан.

Пензионираниот армиски генерал Кит Александар, директор на НСА во времето на Џорџ В. Буш и Обама, доби дозвола од Стејт департментот да работи за Саудијците два месеци по убиството на Кашоги. Монархијата го ангажираше Александер да помогне во основањето на нова институција, колеџот за сајбер безбедност на принцот Мохамед бин Салман. Консултантската фирма на Александар работи за Саудијците од 2020 година.
И пензионираниот генерал Џејмс Л. Џонс, поранешен командант на маринскиот корпус на НАТО ја прошири својата консултантска работа со саудиското Министерство за одбрана веднаш по убиството на Кашоги. Неговата фирма во Ријад моментално вработува 8 пензионирани американски генерали и адмирали, како и 32 пензионирани американски воени лица од понизок ранг. Во интервју за Вашингтон пост, Џонс рече дека е „многу шокиран и изненаден од она што очигледно се случило“ со Кашоги. Но, тој исто така рече дека американската влада го повикала да продолжи да работи за Саудијците.
„Не знам каква ќе беше алтернативата ако одбиеме. Бев загрижен дека Саудијците би можеле да се свртат кон Кинезите и Русите“.
ОАЕ се најпопуларниот пазар на труд за пензионираниот американски воен персонал во странство. Во текот на изминатите седум години, 280 пензионирани американски војници работеле како воени изведувачи и консултанти во Обединетите Арапски Емирати, повеќе од која било друга земја до сега. Емиратите се потпираат на нив за да изградат армија за која многу експерти велат дека е најсилна во арапскиот свет. Но, ОАЕ, исто така, ги искористија своите вооружени сили за да интервенираат во граѓанските војни во Јемен и Либија, што ја влошува хуманитарната криза во двете земји.
Емиратите добро ја плаќаат американската помош. Поранешен командант на морнарицата заработува плата од 348.000 долари годишно и 54.400 долари трошоци за работа како инструктор на стрелиште во ОАЕ. Пензиониран полковник на американската армија прифатил позиција како советник на армијата на Емиратите со плата од 324.000 долари годишно. И пензионираниот марински генерал Џејмс Матис служеше како воен советник во ОАЕ пред да стане секретар за одбрана во администрацијата на Трамп. Портпаролот на Матис рече дека ги советувал ОАЕ за „оперативните, тактичките, информативните и етичките аспекти“ на воените операции, но не добил никаков надомест за својата работа. Набргу по повлекувањето од функцијата шеф на Пентагон, Матис побара федерална дозвола повторно да соработува со Емиратите и одржа говор во Абу Даби. Документите покажуваат дека тој требало да добие „хонорар“ од Обединетите Арапски Емирати, но портпаролот на Матис рече дека прифатил само надомест за патните трошоци.
Поранешни началници на американската морнарица работат исто така како платени доверливи советници на австралиската влада, помагајќи и да се здобие со врвна тајна технологија за нуклеарни подморници од САД и Велика Британија. Австралија во моментов се обидува да го финализира договорот со САД и Велика Британија за изградба на флота од нуклеарни подморници што би можело да чини повеќе од 74 милијарди долари. Исходот ќе има глобални импликации и може да ја промени воената рамнотежа на силите во Азија меѓу Соединетите Држави, нивните сојузници и Кина. Од 2015 година, пензионираните американски адмирали и други поранешни високи американски поморски лидери добиваат хонорари во вкупна вредност од над 10 милиони долари од австралиската влада за „консултантски услуги“. Некои пензионирани американски адмирали работеле за австралиската влада како платени советници додека ја советувале американската морнарица. Пензиониран американски адмирал е ангажиран од австралиската влада како заменик министер за одбрана да ја надгледува програмата за подморници.
Барањата за работа за странски влади главно се одобрени формално. Пензионираниот воен персонал кој започнува со работа во странство мора прво да добие одобрување од нивниот огранок на вооружените сили и Стејт департментот. „Вашингтон пост“ откри дека овие барања главно се обработуваат формално и се одобрени со огромно мнозинство: од повеќе од 500 барања поднесени од 2015 година, околу 95 отсто биле одобрени многу брзо.
Весникот, исто така, идентификуваше повеќе пензионирани американски воени лица на LinkedIn кои прифатиле договори за работа со воени агенции во Персискиот Залив, но немаат официјални документи за одобрување од федералната влада. Нема кривична одговорност за прекршување на законот. Во такви случаи, речиси и да нема вмешаност на органите за спроведување на законот, иако Министерството за одбрана може да ги суспендира исплатите на пензиите на оние кои ги прекршуваат постоечките правила. Сепак, финансиската и сметководствената канцеларија на министерството, која се занимава со воените плати, неодамна ги намали пензиите на „помалку од пет лица“, според портпаролот на министерството Стив Бургард. Тој одби да ги именува тие лица, да го прецизира времето на тие одлуки или да даде други детали, наведувајќи ги загриженоста за приватноста.