Пентагон објави извештаи за средбите на американската војска со НЛО

Пентагон објави три чувствителни извештаи за средби  меѓу американските воздухопловни сили и наводни неидентификувани летачки објекти (НЛО), јави денеска Си-Ен-Ен.

Извештаите откриваат детали за инциденти кои минатиот месец уште еднаш го привлекоа вниманието на јавноста кога Министерството за одбрана од видео снимките што ги документираат воздушни средби на воени пилоти со наводни НЛО-а ја отстрани ознаката за тајност .

„Овие авиони се мали, со големина на куфер, сребрен или бел“, се наведува во еден од извештаите за инцидент од март 2014 година.

На видеото се гледа неидентификуван авион фатен од инфрацрвената камера, како се движи со голема брзина, со снимка на гласот на пилотот на воениот авион Ф/А 18, кој е зачуден од брзината на НЛО-то.

Во извештајот се проценува дека можно е да станува збор за дрон, додека во друг извештај со коментар се наведува дека летачкиот објект бил „бел, мал и без обележја“, па затоа повторно се заклучува дека најверојатно е дрон.

Пентагон проценува дека е можно тие да се беспилотни летала управувани од „непријателски сили“, како Русија или Кина, со цел да соберат разузнавачки информации за воените операции на САД.

Претседателот Трамп беше изненаден од снимките што ги виде и се запраша дали се автентични.

Пентагон кон крајот на април објави три видеа за тоа како американски воени пилоти наидуваат на, се чини, неидентификувани летачки објекти (НЛО).

На снимките од кои претходно беше отстранета ознаката за доверливост, се прикажани мистериозни авиони без крилја што летаат со хиперсонична брзина без никаков погон, а се направени во 2004 и 2015 година.