Пенов: За регионален развој лани вложени 14 милиони евра или пет пати повеќе во споредба со 2016 година


Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов за годинава најави отворање на ИПА 3 Програмата која, во делот меѓугранична соработка, предвидува 100 милиони евра. За овие средства, објасни Пенов, покрај општините, планските региони и невладиниот сектор, прв пат ќе може да аплицираат и бизнисите. Проектите ќе добијат целосно финансирање од ЕУ и 15 отсто државна дотација.

Зборувајќи на панелот „Земјоделство и рамномерен регионален развој – ЕУ можности и перспективи“ што се одржува денеска во рамки на конференцијата „Година на европски можности“, пенов рече и дека оваа година ќе биде целосно реконструиран Центарот за дијализа и нефрологија во Струга, а ќе се изгради и центар за згрижување деца со посебни потреби во Полошкит регион.

Според министерот, минатата година во регионален развој биле вложени пет пати повеќе средства во споредба со 2016 година. 

-Минатата, 2023 година во регионалниот развој можам да ја оценам како успешна. Ако во 2016 година тогашната власт вложувала 2,8 милиони евра во регионален развој, минатата година ја завршивме со рализација на 14 милиони евра вложени во општините и регионите. Лани реализиравме 135 успешни проекти по избор на општините, односно граѓаните. Изградивме патна инфраструктура, но најзначајниот акцент го ставивме на противпожарната заштита. Нема општина во државата која не доби нова опрема и средства за противпожарна заштита. Наша грижа беше да вложуваме за сите граѓани, без оглед на партиски, верски или етнички припадности, рече Пенов и посочи пример на реализирани проекти.

Тој потенцира дека приротет на Владата и натаму е зголемување на средствата за рамномерен регионален развој.