Пенов најави владина помош за изградба на тунелот кај „Лимак“ во Скопје
Без помош од Владата тешко дека Град Скопје ќе ги догради тунелите под центарот „Лимак“ па министерот за локална самоуправа Ристо Пенов најави дека централната власт ќе се вклучи со парична помош. Гостувајќи во емисијата „Студио 10“ на ТВ24 Пенов рече дека најголем проблем ќе претставува западната страна каде што ќе има застој кај „Нова Македонија“.
„Ќе бараме пари, ќе се решава фаза по фаза, среќна околност е што поголемиот дел кон Кисела Вода е завршен, но технички најтешко е како ќе ја преминеме улицата ‘Св. Климент Охридски’. Тука не е само техничкиот проблем, не се само парите, туку треба да се реши сообраќајот, ‘Водњанска’ треба да биде неколку месеци затворена, ќе има директна блокада и Владата треба да најде решение“, рече Пенов.
Во однос на општините, тој додаде дека најголем проблем е со капацитетноста. Во секаква смисла на зборот: кадровска, искуство, комуникација со институци.
„Заради таквите неискуства имаме 20 милиони евра кои стојат неискористени, а кои се наменети за таков вид проекти“, додаде Пенов.
Бетонизација на град Скопје како актуелна тема во последните години вели дека за момент довела и до еден апсурд каде се носени прописи каде општините не можат да прават јавна набавка за ДУП, а може тоа да го нарача приватен инвеститор.
„Дојдено е до апсурд, општината да не може да нарача ДУП. Законодавецот отишол до таму – ДУП да може да нарача приватно лице. Толку е тоа нелогично. На општина не ѝ е дозвоено да прави јавна набавка за ДУП, за да не прави злоупотреба, а оставаме некој приватен инвеститор да си нарача и да прави злоупотреби“, рече министерот Пенов.