Пенов-Ангелов: Целосно реализирани ИПА прекуграничните проекти помеѓу Северна Македонија и Бугарија


Фото: Б. Грданоски
 Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов оствари средба со амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов. На состанокот се разговараше за соработката меѓу Министерството за локална самоуправа и Министерството за регионален развој и јавни работи на Република Бугарија, како и за перспективите на процесот на интегрирање на државата во Европската Унија, информира Министерството за локална самоуправа.

Пенов на средбата истакна дека соработката меѓу двете министерства, надлежни за имплементирање на ИПА Програмата на ЕУ за прекугранична соработка е на високо ниво.
 
-За тоа зборува и високиот процент од 100 отсто искористеност на средствата од Европската Унија за финансирање проекти во општините во пограничниот регион. Во втората фаза од ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји, со вкупен буџет од 19,5 милиони евра,се одобрени 30 проекти, од кои повеќето се и реализирани. Веќе идната недела ќе биде означен и почетокот на третата фаза, во рамките на која ќе бидат организирани нови јавни повици за проекти, вели Пенов.

На состанокот се разговараше и за подинамична реализација на Меморандумот за соработка меѓу двете министерства за размена на искуства и градење на капацитети за подобра имплементација на ИПА програмите, преку кои што се финансираат многу корисни проекти во општините, но и се гради довербата меѓу граѓаните, што е од голема важност во процесот на интегрирање на земјата во Европската Унија.