Пендаровски зачуден што не бил поканет за отворањето на клубот во Благоевград


 

Претседателот Стево Пендаровски во недела нема да оди во Благоевград на отварањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ , бидејќи не бил поканет.

„Според соопштението на оние кои го организираат тоа, тие мене не ме поканија, иако тоа ме чуди, затоа што дел од тие луѓе кои ја отвораат таа спомен куќа или дом, затоа што тоа не е регистрирано според бугарските прописи и е приватна иницијатива, беа кај мене со ОМО ‘Илинден’ заедно со други организации на Македонци од Бугарија“, рече Пендаровски  гостувајќи на Сител. Тој рече дека средбата кај него бил прв официјален прием на Македонци од Бугарија од осамостојувањето.

Тој додаде дека за 31 година независност, никој не ги примил како група Македонци од Бугарија. Тоа, додаде претседателот, е грижата на нашата држава за дијаспорите околу.

Во врска со бугарските здруженија во земјава претседателот Пендаровски смета дека не треба да се дозволи да носат имиња на, како што нагласи, докажани фашистички соработници. Според него, доколку по најавите од Министерството за правда дека и ако биде донесен нов закон за здруженија, тој не може да важи ретроактивно може да се преиспита работата на постоечките здруженија.