Пендаровски за турското барање за екстрадиција: Мора да ја следиме политиката на ЕУ

Фото: Б.Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски денеска од Брисел порача дека за барањата на официјална Анкара за екстрадиција на неколку лица осомничени за терористички активности, Северна Македонија мора да ги следи домашните закони, но и да се усогласи со европските партнери.

Од петнаесет случаи кои се побарани од страна на Турција до сега, пет не се наоѓаат на македонска територија моментално, за пет се во тек судските процедури, а за останатите пет државата побарала дополнителни детали од турските власти, прецизираше претседателот на државата.

-Им рековме на нашите турски пријатели дека ги почитуваме нивните барања, но дека мора да ги погледнеме нашите домашни закони, сѐ мора да биде во согласност со македонското законодавство и со законодавството на ЕУ, ние мораме да ја усогласиме нашата политика со таа на ЕУ, но на крајот на краиштата одлуката е кај институциите, порача Пендаровски.

Турција се закани со блокада на ратификацијата на пристапниот протокол за НАТО на Северна Македонија доколку не ѝ бидат испорачани осомничените ѓуленисти.

Пендаровски нагласи дека Турција е голем пријател на Северна Македонија и еден од најголемите поддржувачи на влезот на земјата во НАТО Алијансата.