Пендаровски: За Мицкоски не бев исчезнат кога се обидуваше да направи парламентарно мнозинство


Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски ја нарече денеска “интересна” изјавата на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека “исчезнал” и дека го нема во екот на енергетската криза со која се соочува земјата.

„Интересна е неговата изјава дека сум исчезнат, за него не бев исчезнат додека се обидуваше да направи парламентарно мнозинство од 61 пратеник. Одеднаш, според него исчезнувам откога му пропадна обидот да направи мнозинство од 61 пратеник”, рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање во пресрет на Самитот Македонија 2025 на кој учествува.

„За мене е совршено јасно, но не знам колку за него е јасно дека Република Северна Македонија е парламентарна демократија, а не претседателски систем во кој претседателот ги повикува луѓето по свое наоѓање и им дели совети, лекции, им кажува што да направат. Знам дека во минатото имало примери на претседатели кои излегувале надвор од своите уставни позиции, но јас немам намера да го правам тоа”, рече Пендаровски.

Коментирајќи ја енергетската криза, тој рече дека ден после завршување на вториот круг на локалните избори имаше прогласување од страна на владата на кризна состојба на цела територија и тоа било единствената причина поради која не свикал Совет за безбедност со истата точка на дневниот ред.

На прашањето дека кризата се продлабочува и дали има намера да свика седница на Советот за безбедност, Пендаровски рече дека во оваа ситуација кога на владата заради прогласена тоа кризна состојба ѝ е овозможено брзо да репозиционира буџетски средства, не гледа потреба да се свикува и Совет за безбедност.

„Советот за безбедност е советодавно тело кое носи препораки, заклучоци и тие препораки ако ги донесе ги праќа до Владата и до Собранието, значи повторно тоа е кругот на надлежни субјекти”, рече Пендаровски.(М.Ј.)