Пендаровски: За идентитетот немало ниту ќе има преговори

Фото: Б. Грданоски

„Преговори за идентитетот на македонскиот народ немало ни во време на преговорите за Преспанскиот договор. Од тие позиции нема да отстапиме“, рече претседателот Пендаровски

 

Околу пишувањето на „Политико“ дека Бугарија понудила компромис да го признае македонскиот јазик и народ, а за возврат Македонија да признае бугарски историски корени, претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност порача дека до тој моментот нема информации за тоа што го пишуваат меѓународните портали, но потсети дека дури и Грција го призна нашето право на самоопределување.

„Тоа што можам категорично да го повторам е дека нема отстапки и нема, ниту ќе има преговори за македонскиот идентитет и македонскиот јазик.Тоа  е наше чувство и секако преговори за нашиот идентитет не треба да има“, рече Пендаровски.

Дали македонското раководство би прифатило ваков предлог, беше следното новинарско прашање на кое Пендаровски повтори дека не знае дека предлогот воопшто постои и затоа не може да се произнесе.

„Ние не  прашуваме за ставови на други држави туку ја кажуваме нашата позиција. Преговори  за идентитетот на македонскиот народ немало ни во време на преговорите за Преспанскиот договор. Од тие позиции нема да отстапиме. Ова се наши позиции и безрезервно ќе ги браниме. Прашавте што ако секој се држи до своите позиции, како ќе се најде компромис? Одговорот е – исто како и со Грците. Јас сум убеден дека и во бугарското политичко раководство се сигурни дека македонскиот јазик и Македонците се реалност и ќе го признаат тоа. Тие квалификациии јавно се кажувани од премиерот на Бугарија“, рече Пендаровски.

На тоа премиерот Зоран Заев додаде дека Борисов беше во Скопје и јавно зборуваше за македонски народ, дека во Бугарија ја признаваат реалноста и тоа според него е голема вредност и големо пријателство.

Во однос пак, на прашањето за Гоце Делчев, за што Бугарија инсистира да се признае дека бил Бугарин, Пендаровски одговори дека смета оти не е работа на комисиите кои расправаат за историјата, да утврдуваат нечија етничка припадност.

„Ако Гоце Делчев во некои документи, како што велат од бугарска страна, се изјаснил како Бугарин, ние во Македонија имаме многу документи дека тој се борел за Македонија и сакал да почива во Македонија. Тука се неговите мошти, во Скопје. Мене никој не може да ми наметнува какво е моето чувство. Наша работа е како ние се изјаснуваме“, рече Пендаровски.

На забелешката дека бугарскиот амбасадор деновиве тврдеше дека Софија нема да отстапи од меморандумот Пендаровски рече дека од официјален претставник на бугарската држава не треба да очекуваме поинаква изјава, а од нас ништо друго освен да го повториме тоа што ни е црвена линија.

„Треба да го видиме предлогот за да се изјасниме“, дополни премиерот Заев, додавајќи дека информацијата од Брисел генерално е добра бидејќи според она што беше пренесено ќе има прва меѓувладина конференција и тоа било прифатено од сите.

Запрашан директно дали за него е прифатлива понудата да се каже дека македонскиот јазик има бугарски корени премиерот рече – „не“.

„Можам да кажам само дека Грција го призна нашето право на самоопределување, тоа е наше чувство и секако дека преговори по нашиот идентитет и нашиот макеонски јазик нема и не треба да има. Бугарија е пријателска земја и јавно истакнува и за признавањето на македонскиот јазик и македонскиот народ. Таа ја признава реалноста. Верувам дека работните групи кои разговараат ќе најдат решенија. Навистина очекувам од бугарскиот народ, од  раководството на Бугарија да направи конкретен прецизен чекор за македонскиот јазик и за македонскиот народ“, рече Заев, па дополни:

„Но, меѓусебното разбирање внатре не носи кон она што го викаме реалност. Факт е дека имаме заедничка историја и ако бидеме паметни со доминантен фокус на иднината може да ја искористиме а да постигнеме договор и компромис. Има позитивни исчекори, многу е направено од Комисијата, така што ја поздравувам и ја охабрувам да продолжи и се надевам дека ќе ги најде следните историски решенија. Бугарската страна ниту бара нов договор ниту анекс на новиот договор. Ако има потреба од дообјаснувања, јас сум подготвен во рамките на договорот да го направиме тоа. Очекувам Бугарија да продолжи да биде првиот и најголем поддржувач на Македонија во евроингерацијата. Следниот чекор е првата меѓународна конференција“, рече Заев. (Н.В.)