Пендаровски: За дигитализација на правосудството неопходна е политичка воља
Првата и основна задача е да обезбедиме политичка волја за дигиталната трансформација на правосуството. Понатаму, ќе дискутираме за придобивките и можните недостатоци, порача Пендаровски на Европскиот самит за дигитализација на судството

Претседателот Стево Пендаровски денеска порача дека е неопходна политичка волја за дигиталната трансформација на правосуството, како и дека овој процес треба да се сфати како потреба, а не како нужно зло само во време на криза.
Обраќајќи се на присутните на Европскиот самит за дигитализација на судството, којшто се одржува во Охрид на тема „Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата во правосудството“, Пендаровски посочи дека темите на панелите и најавените учесници ветуваат корисни дискусии и заклучоци што подоцна треба да бидат трансформирани во соодветни јавни политики и законодавни промени.
Министерот за правда Никола Тупанчески информираше дека во 2022 година за дигитализација во судството се предвидени 130 милиони денари, од кои 90 милиони денари за набавка на нови сервери за 24 судови и за Судскиот совет, 20 милиони денари за опремување на судските сали за обезбедување функционалност на опремата за аудио и визуелно снимање на судски рочишта и 20 милиони денари за набавка на компјутери, принтери и скенери.
„Првата и основна задача е да обезбедиме политичка волја за дигиталната трансформација на правосуството. Понатаму, ќе дискутираме за придобивките и можните недостатоци од дигитализацијата, со цел, поголема ефикасност на судството, ќе разговараме и за гаранциите за еднаков пристап до правдата, како и за интероперабилноста меѓу правосудните органи и другите државни институции. За успешна дигитална транзиција од голема помош ќе бидат и искуствата на другите држави, а особено европските стандарди и практики во оваа област. Во таа насока го поздравувам потегот на организаторите да поканат голем број на учесници од регионот и од државите членки на Европската унија“, рече претседателот Пендаровски.
Тој додаде дека самитот го сфаќам како почеток на еден обемен и долг процес на дигитална трансформација на целиот наш правосуден систем.
„На тој пат, поддршката што ја добиваме од меѓународните организации како што е ОБСЕ која веќе долги години ни помага во изградба на функционална правна држава е драгоцена. Меѓутоа, спроведувањето на овој сложен процес е, првенствено, наша задача и наша одговорност. Се надевам дека политичката волја за дигитализација на правосуството ќе резултира со реален и мерлив напредок во оваа област во која што со години, од различни причини, не бележиме позначителен прогрес“, рече Пендаровски.
Министерот за правда Никола Тупанчески во своето обраќање порача дека во време во кое човекот со напредните технологии успеа да стигне до простори во вселената на светлосни години оддалеченост и за тоа добива информации скоро во реално време, не треба да имаме сомнеж дека државата треба да направи се овие технологии да ги стави во функција и на пристапот до правда на граѓаните.
,,Задоцнетата правда граѓанинот често ја доживува како најголема неправда, а дигитализацијата во правосудството ќе ги забрза постапките на сите нивоа, ќе го олесни доставувањето на докази и документи, комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции и ќе ја подигне правната сигурност и довербата на граѓаните во правосудството. Периодот во кој живееме, а особено изминатите две години на пандемија, изолација и редуцирани услуги за граѓаните во сите сфери, уште еднаш ни потврдија дека дигиталниот напредок треба максимално да се стави во функција на подобрување на животот на граѓаните“, рече Тупанчески.
Дигитализираното судство, потенцираше Тупанчески е карактеристика на секоја модерна и напредна држава. Дигитализацијата и интероперабилноста се процеси кои неминовно го тангираат функционирањето на судството кое што не може да остане имуно на придобивките што со себе ги носи вештачката интелегенција, напредокот и усовршувањето на техничките и оперативните перформанси на ИКТ алатките. Дигитализирано судство е поефикасно и потранспарентно судство. Министерот за правда се осврна и на активностите кои се преземаат, а се во насока на реализација на Планот за дигитализација на правосудството.
,,Целосната дигитализација очекуваме да се реализира во над 186 судници во 34 судови. Ова во голема мера ќе влијае на подобрување на судскиот интегритет, отчетноста, јакнење на довербата на јавноста, но и врз заштитата на системот. Судењата од далечина веќе стануваат реалност. Но тие се само еден аспект на дигитализацијата која опфаќа низа други електронски можности, како што се е-доставата, дигиталното регистрирање на рочиштето и креирање записници во електронска форма, размената на дигитални информации, докази и слично од кои што дел влегуваат во интероперабилноста“, порача Тупанчески.