Пендаровски-Вучиќ: Скопје и Белград имаат многу добри односи


Односите меѓу Белград и Скопје се одлични, со поголема доверба од порано и со подобрена економска соработка, оценија претседателите на Северна Македонија и на Србија, Стево Пендаровски и Александар Вучиќ по нивната денешна средба во српскиот главен град.

– Во политичките односи, освен различни погледи за независноста на Косово, немаме други отворени прашања. Сакаме да ги градиме најблиските пријателски односи, изјави Вучиќ на заедничката прес-конференција со Пендаровски.

Вучиќ додаде дека имал отворен разговор со претседателот Пендаровски за сите клучни прашања во билатералните односи на двете земји, регионалните иницијативи и клучните регионални прашања.

– Белград и Скопје имаат многу добри односи, ми се чини со поголема доверба од пред една или две години и тие односи ќе одат само во подобра насока, рече Вучиќ.

Пендаровски рече дека неговата посета на Србија е уште една потврда за односите на добрососедство и меѓусебно разбирање меѓу двете земји, но и уште една можност, како што рече, заеднички да ги потенцираме важноста и посветеноста на градењето, одржувањето и унапредувањето на меѓусебниот дијалог, како меѓу нас, така и пошироко во нашиот регион.

„Нашите земји и народи ги поврзува долга историска и културна традиција, а ја споделуваме и визијата за заедничка иднина во големото европско семејство. Оттука, контактите на највисоко ниво меѓу нашите две земји имаат посебно значење и даваат силен сигнал и за понатамошен развој на пријателството и соработката на сите други нивоа“, рече Пендаровски.

Тој кажа дека со Вучиќ разговарале и за француската иницијатива за нова променета методологија во водењето на претпристапните преговори со ЕУ.

„Јас уште еднаш го истакнав ставот на мојата држава дека за нас не постои друга одржлива алтернатива, освен полноправно членство во Унијата на крајот од овој процес. Европската интеграција на Северна Македонија останува долгорочна определба, мотивација за трансформација на општеството и имплементирање на највисоките европски стандарди. Во овој контекст ме радува фактот што и од Скопје и од Белград упатуваме јасни пораки дека Европската Унија не треба да заборави на западниот Балкан, за кој перспективата за членство во ЕУ е единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет и всушност е единствена одржлива опција. Европската интеграција на регионот е најдобриот начин што ќе овозможи демократска трансформација на нашите општества, просперитет и зајакната регионална соработка“, рече македонскиот претседател.

Тој на средбата со Вучиќ изразил очекување дека со помош на меѓународната заедница и посебно западните партнери ќе бидат создадени услови за сериозен напредок во дијалогот Белград-Приштина, па и, како што рекол, за конечно затворање на ова прашање.