Пендаровски во вторник и среда во посета на Грција


Претседателот Стево Пендаровски на 5 и 6 октомври ќе престојува во дводневна официјална посета на Грција, што е прва посета на такво ниво меѓу двете земји.

Пендаровски во Претседателската палата во Атина ќе биде пречекан од претседателката на Хеленската Република, Катерина Сакеларопулу, по што ќе се одржат тет-а-тет средба меѓу нив двајца а потоа и пленарен состанок на делегациите на двете држави.

Пендаровски ќе се сретне и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис. Интересно е што македонскиот претседател ќе има и средба со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат.

Претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на Лина Мендони, министерка за култура и спорт на Грција.