Пендаровски: Во услови на пандемија, важноста на високото образование и на науката станува уште позначајна

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на онлајн конференцијата посветена на високото образование во регионот на Западен Балкан, на тема „Заеднички вредности, способности и одржлив развој“. Конференцијата е поддржана од Германската служба за академска размена – DAAD.

-Оваа платформа за размена на експерти меѓу трите држави, која е поддржана од Германската служба за академска размена – DAAD, доаѓа во вистинско време. Во услови на пандемија, важноста на високото образование и на науката станува уште позначајна, не само во справувањето со последиците, туку и во дизајнирањето на нашите општества врз одржливи основи за во иднина. За да можеме да се ориентираме кон зелена и инклузивна економија, чиста технологија, обновлива енергија, неопходно е да развиваме силно партнерство меѓу носителите на одлуки, научната и академска заедница и бизнис-секторот. А, предусловот за тој потфат бара градење на меѓусебна доверба меѓу клучните чинители, рече претседателот во обраќањето.

Соопшти дека пред само четири дена со Обединетите нации ја потпишавме новата Рамка за соработка за одржлив развој за периодот од 2021-2025 година, која има за цел да ги поддржи напорите за подобрен животен стандард на македонските граѓани, инклузивен и зелен развој, универзален пристап до здравство, образование и социјална заштита, амбициозна климатска акција, отпорност кон катастрофи и подобрено владеење на правото и многу повисок степен на владеењето на правото.

-Нашите национални напори за одржлив развој се усогласени со нашата клучна надворешно-политичка цел – членство во Европската Унија. Република Северна Македонија заслужува и е подготвена да ги започне пристапните преговори за членство во Унијата и тоа уште за време на германското претседателство. Интегрирањето на нашата земја во Унијата, но и на другите земји од Западен Балкан, е во интерес на регионалната безбедност и на просперитетот. Евентуална блокада или одложување на почетокот на преговорите би било голема грешка или голем неуспех, пред сè, на Европската Унија и на германското претседавање, кое е толку многу ангажирано во поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. И последно, но секако не и најмалку важно, таквиот исход негативно ќе влијае на стабилноста и иднината на регионот, истакна Пендаровски и додаде дека живееме во период кога сите ние треба да вложуваме максимални напори не само за справување со последиците од пандемијата туку и за дизајнирање на нашите општества во согласност со принципите на одржливост, и во согласност со најдобрите европски пракси.

Оцени дека одржливиот развој не е само дополнителен план за нашите држави, нашиот регион и за Европа. Агендата 2030 е обврска за нашата генерација, целосно да го искористат човечкиот потенцијал за да остават подобар свет на идните поколенија. Клучна улога во тој процес имаат токму универзитетите кои треба да ги едуцираат нашите млади луѓе и да ја канализираат нивната енергија и креативност кон крајната цел: одржлив развој за одржливи општества.

Ова, како што додаде, се само неколку од аргументите зошто го поддржувам овој проект за високото образование во регионот на Западен Балкан.