Пендаровски во Софија се сретна одделно со Радев


 

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска во Софија освен тројната средба со Румен Радев и Урсула фон дер Лајен имаше и одделни разговори со бугарскиот претседател. Тоа е прва ваква средба по заедничкото патување во Рим за чествувањето на Св. Кирил и Методиј во мај 2021 година. 

Според соопштението од кабинетот на Пендаровски на средбата се разговарало за можностите за натамошно унапредување на политичките и економските односи меѓу двете земји, како и за актуелните предизвици од енергетската криза со која се соочува Европа. Пендаровски и Радев се заложиле за проширување на соработката во повеќе области од заемен интерес.

Двајцата претседатели размениле информации околу состојбата со енергетската криза и справувањето со неа. На средбата се разговарало и околу можностите за набавка на електрична енергија од Бугарија, со почитување на европската регулатива.