Пендаровски во Рим: Благодарение на Преспанскиот договор влегуваме во НАТО


Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на дводневната посета на Италија, денеска одржа предавање на реномираниот Универзитет „Ла Сапиенца“.

Во своето предавање, пред студентите и професорите од Универзитетот, претседателот Пендаровски, како што јавија од неговиот кабинет, се осврнал на три теми: Преспанскиот договор, ЕУ и аспирациите на Северна Македонија кон Унијата, како и на предизвиците со кои се соочува регионот на Западен Балкан.

Пендаровски истакнал дека договорот со Грција има историска важност за Северна Македонија, но и дека е подеднакво важен и за Грција. Преспанскиот договор, подвлекол претседателот, го гарантира идентитетот на граѓаните, го признава македонскиот јазик и им дава право на сите, без разлика каде живеат, да се изјаснуваат како Македонци.
-Благодарение на Преспанскиот договор, Северна Македонија за неколку месеци ќе стане полноправна членка на НАТО – рекол Пендаровски.
Во однос на целосната имплементација на Преспанскиот договор, која зависи од отворањето на поглавјата со Европската унија, Претседателот изрази уверување дека во иднина никој нема да го опструира процесот, имајќи предвид дека договорот ги штити националните интереси на Северна Македонија.
-Европа не ни треба само за пазарот, Европа ни треба поради културните, социолошките, економските стандарди, поради функционалност на институциите. Дополнителен мотив за нас е фактот дека 85 проценти од граѓаните, од сите етнички заедници, го поддржуваат нашето членство во ЕУ – изјавил Пендаровски.
Во таа насока, посочил дека никој во Северна Македонија не е против менување на методологијата, ниту против можноста за реверзибилност на процесот, доколку некоја земја има назадување во текот на преговорите. Но, нагласил, неприфатливо е Северна Македонија да се ословува како да е сосед на Унијата.
Најавувајќи ја средбата со претседателот на Франција Емануел Макрон на 12 овој месец, Пендаровски ја поздравил и иницијативата на Италија -на редовниот состанок на Советот за општи работи на 19 ноември да се вметне прашањето за Северна Македонија и Албанија.

Во своето предавање, претседателот Пендаровски се осврнал и на актуелните состојби во регионот, со акцент на дијалогот Белград – Приштина. Тој подвлекол дека ако не се најде решение прифатливо за двете страни, тогаш проблемот може да се прелее и во Северна Македонија. А во случај да дојде до промена на границите, претседателот Пендаровски побара меѓународна гаранција дека нашата земја во никој случај нема да биде оштетена.
Од кабинетот на претседателот информираа дека Пендаровски се сретнал со ректорот на Универзитетот, со деканот на Факултетот за политички науки, социологија и комуникации, како и со истакнати професори од Универзитетот. На средбата, меѓу другото, е потпишан протокол за соработка меѓу правните факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Ла Сапиенца” во Рим.
Универзитетот „Ла Сапиенца“ е најголем во Европа, со повеќе од 113 илјади студенти од целиот свет, а на него секоја година се дообразуваат стотина студенти од нашата земја.