Пендаровски во посета на вакциналниот пункт во Штип
Претседателот Стево Пендаровски денеска за време на посетата вакциналниот пункт во Штип и Модуларната болница повика на што поголема вакцинација.
Во вакциналниот пункт во просториите на Здравствениот дом „Панче Караѓазов“, претседателот Пендаровски беше информиран за текот на процесот на вакцинација на граѓаните, која во моментот се врши на лица над 77 години. Во овој пункт има 4 позиции за вакцинација на кои се имунизираат по 40 граѓани на ден, а е предвидено во оваа фаза да се вакцинираат 400 лица со вакцината на „Астра Зенека“. Во процесот на вакцинација на граѓаните помагаат и волонтерите на Црвен крст од Штип.
„Она што го баравме и што започна вчера мора да продолжи во континуитет. Ги повикувам граѓаните да се вакцинираат во што поголем број, да не се плашат, да не подлегнуваат на лажни вести, да не веруваат во разно-разни измислици. Како и насекаде во светот, масовната имунизација е единствен начин да се справиме со корона вирусот и да ја надминеме пандемијата на Ковид-19“, порача претседателот Пендаровски.
Пендаровски оствари средба со надлежните од општинскиот кризен штаб за заштита и спасување при општина Штип на која разговараа за мерките за превенција и заштита на здравјето на граѓаните.