Пендаровски во Брисел се сретна со белгискиот премиер Де Кро
За билатералните односи, македонската интеграција во ЕУ и економската соработка разговараа денеска во Брисел македонскиот претседател Стево Пендаровски и белгискиот премиер Александер де Кро.
Пендаровски го поздравил позитивниот тренд на зајакнување на политичкиот дијалог меѓу двете земји и оцени дека честите размени на посети на високо ниво дополнително ќе ја продлабочат политичката доверба, а ќе го поттикнат и економскиот развој. Соговорниците изразија задоволство од унапредувањето на економската соработка меѓу двете земји и зголемувањето на белгиските инвестиции во Македонија.
Претседателот изрази благодарност до белгискиот премиер за доследната и постојана поддршка на македонските европски интеграции и политиката на проширување на ЕУ, како процес од стратешко значење за регионот. Во тој контекст, беа разменети мислења и ставови за претстојното белгиското претседавање со Европската унија во првата половина на 2024 година.
На средбата се разговараше и за стабилноста и безбедноста на европскиот континент, при што беше посочена важноста на партнерството во НАТО во справувањето со геополитичките предизвици наметнати од војната во Украина.